
Со помош на дронови и современи технолошки алатки како дел од системот на контроли за зајакнување на теренските инспекции со цел брзо откривање на прекршувања, низ цела Грција биле спроведени над 1.500 инспекциски контроли на повеќе од 300 плажи и во 450 бизниси во рамките на примената на законската рамка за заштита на крајбрежјето и плажите и обезбедување слободен пристап за граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.
Генерално, како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, оваа година е значително намален бројот на пријави за прекршувања што најчесто се однесуваат на незаконско заземање на крајбрежјето или плажата без договор за користење, надминување на дозволениот простор со дополнителни чадори, лежалки или други објекти, попречување на слободниот пристап на граѓаните и непоставување на задолжителната информативна табла.
Инспекциите ги спроведуваат службите за државен имот при Министерството за национална економија и финансии, а ги разгледуваат и пријавите од граѓаните, поднесени или телефонски или преку апликацијата MyCoast.
Најголем број пријави досега биле регистрирани на Халкидики, во Кавала, во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, на Кикладските острови и Додеканезите, каде што веќе се спроведуваат насочени проверки.
– Особено важно е што годинава е регистриран најнизок број пријави во споредба со претходните години. Овој тренд, во комбинација со сликата од теренските контроли, укажува на значително зголемено ниво на усогласеност на бизнисите со правилата за користење на крајбрежјето и плажите, соопштија од Министерството.
Додадоа дека онаму каде што се утврдуваат прекршоци, веднаш се изрекуваат предвидените санкции.
Меѓу оние кои се казнети се бизнис на островот Родос, што добил решение за затворање и казни во вкупен износ од 73.000 евра за попречување на пристапот до крајбрежјето и за незаконско користење државно земјиште; четири бизниси на Закинтос, каде што при теренски контроли биле утврдени попречувања на пристапот до крајбрежјето, при што секој од сопствениците добил казна од 2.000 евра, а друг бизнис на истиот остров, поради незаконско користење на плажата ќе плати казна од 72.490,60 евра.
На Халкидики казни добиле пет бизниси, во Кавала бизнис работел без договор за закуп и му била изречена парична казна од 15.912 евра.
– Контролите продолжуваат во текот на целата летна сезона. Целта е навремена интервенција при секое утврдено прекршување на законот, заштита на јавниот карактер на плажите, достапни за сите и обезбедување слободен пристап на граѓаните до крајбрежјето, соопштија од надлежното Министерство

Македонски


