Skip to main content

Леонид Индов: Ми даваа само три проценти шанси да преживеам, денес живеам со полна брзина

Пред три години, животот на Леонид Индов засекогаш се промени по несреќата при скок во море во Грција. Денес, 21-годишниот студент на ФИНКИ вели дека се навикнал на „новото нормално“ и дека, и покрај животот во електрична количка, живее исполнет и активен живот.

Во интервју за CRNOBELO.com, Леонид открива дека во првите моменти по несреќата најголемата битка не била за повторно движење, туку за живот.

„Дијагнозата беше повреда на вратот, но при несреќата целосно се удавив, белите дробови ми беа полни со вода. На моите најблиски им кажале дека имам само три проценти шанси да преживеам. Борбата на почетокот воопшто не беше за движење. Беше за живот, за здив“, вели тој.

По операцијата во Солун шест дена бил во вештачка кома, а кога се разбудил не можел ниту да се движи, ниту да зборува. Следувале месеци лекување во Грција, Македонија и Австрија, каде што научил повторно самостојно да дише, да ја користи електричната количка и постепено да се приспособи на новиот начин на живот.

Денес Леонид студира софтверско инженерство, работи на сопствени проекти и најголемиот дел од денот го поминува надвор со пријателите.

„Животот си тече, и тоа со полна брзина. Ментално се чувствувам многу добро, а тоа мислам дека е најважното“, вели тој.

Неговата специјализирана електрична количка му овозможува самостојно движење, иако не може да ги користи прстите.

„Количката ми е специјализирана, електрична и моторизирана. Иако не ги користам прстите, раката ми помага да ја контролирам. Ми овозможува да се движам сам, без ничија помош“, раскажува Леонид.

Тој со благодарност се сеќава на огромната поддршка што ја доби од јавноста по несреќата, кога низ Македонија беа организирани бројни хуманитарни акции за неговото лекување.

„Кога видов колку луѓе помагаат, срцето ми се исполни со радост. Сфатив дека нашата земја ги има најдобрите луѓе. Не знам како доволно да им се заблагодарам на сите што помогнаа“, вели тој.

И покрај сè што поминал, Леонид не се откажува од своите планови. Освен што успешно студира, работи на технолошки проекти со кои сака да им помогне на другите, а неговата животна цел е успехот да го искористи за да им биде поддршка на луѓето кои се соочуваат со слични предизвици.

Неговата порака до сите што поминуваат низ тежок период е едноставна:

„Не сте сами. Разговарајте со некого, бидете оптимисти и не плашете се да започнете нешто ново. Времето лекува сè.“