
Уапсен е возачот кој возеше во спротивна насока на автопатот Скопје – Велес, следува кривична пријава, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи на МВР, денеска го лишија од слобода 39-годишниот М.Ш. од село Челопек – Тетово, кој на 2 август, околу 19:20 часот на автопат Скопје – Велес, со патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, се движел во спротивна насока, за што од страна на очевидци беа објавени и фотографии и на социјалните мрежи. По документирање на случајот, против М.Ш. ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од КЗ – „безобѕирно управување возило“ и ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител – најавија од МВР.
Оттаму уште еднаш апелираа до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.

Македонски


