
„Владата на Мицкоски подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Наши информации од Брисел зборуваат дека Владата тоа веќе го договорила и тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел, и од Берлин, и од Париз“, потенцираше Андреј Жерновски, член на ИО и секретар за меѓународна соработка на СДСМ.
Жерновски посочи дека последните пораки и настапи на Владата јасно покажуваат дека пропаднати се сите обиди да се прикрие вистината пред граѓаните.
„Исцрпени се буквално сите обиди и лаги коишто претходно се обидуваа луѓето од Владата да ни ги продадат. Сè започна со некакво одложено дејство, па потоа со специјални услови, па потоа дека ќе имаме, нели, за нас некакви посебни договори и така натаму. Па најновото што го слушнавме од Мицкоски е дека ќе сме влегле во Европската Унија, ама без право на глас. Сето тоа падна во вода и веќе нема простор за нови импровизации“, рече Жерновски.
ДЕМАНТ ОД МНР
Денешната прес-конференција на СДСМ е уште еден обид за создавање хистерија и дезинформирање на јавноста. Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста, се вели во реакцијата од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) на денешната прес-конференција на Андреј Жерновски од СДСМ.
Факт е, се додава, дека институциите редовно комуницираат со земјите членки на Европската Унија, со европските институции, со Бугарија и со другите меѓународни партнери. Овие разговори се водат транспарентно, а позицијата на Владата е јасна и повеќепати јавно потврдена.
-Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада. Токму тука е суштинската разлика меѓу оваа Влада и СДСМ. Во минатото, договори и компромиси се прифаќаа далеку од очите на јавноста и на штета на националните позиции. Денес, надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните. Транспарентноста и доследната заштита на националните интереси се клучната разлика меѓу оваа и претходната власт, се посочува во реакцијата.
Се нагласува дека е повеќе од очигледно дека на СДСМ му е поважно преку вакви прес-конференции да им се додворува на одредени политички кругови во соседството отколку да ги брани интересите на сопствената држава и на сопствениот народ.
-Наспроти нивниот неодговорен пристап, Владата и Министерството постапуваат принципиелно и сите одлуки ги носат транспарентно, пред очите на јавноста и во согласност со јасно утврдените државни позиции, се истакнува во ракцијата од МНРиНТ.
Жерновски денеска на прес-конференција пред Владата посочи дека се подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог и додаде дека нивните информации од Брисел зборуваат дека Владата на Мицкоски тоа веќе го договорила и оти тоа се јасни сигнали коишто пристигнаа и од Брисел, и од Берлин, и од Париз.

Македонски


