
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 13 часот на територијата на државата се евидентирани пет активни пожари на отворен простор, додека три се ставени под контрола.
Активни се пожарите кај Ѓоновички Мост во Гостивар, во селото Ранковце (Општина Ранковце), во селото Кетеново (Општина Кратово), во селото Логоварди (Општина Битола) и во селото Руѓинце (Општина Старо Нагоричане).
Под контрола се пожарите во Општина Виница, Општина Зрновци и кај градските гробишта во Неготино.
Според информациите на ЦУК, во пожарите гори ниска вегетација, грмушки, мешана шума, ѓубриште и слама во двор.
Пожарите се разгореа во текот на претпладнето, откако во претходниот извештај ЦУК информираше дека на територијата на државата нема активни пожари на отворен простор.

Македонски


