Skip to main content

До петок се доставуваат пријави за фондот од 35 книги за една библиотека, донација од „Матица македонска“

На јавниот повик на „Матица македонска“ може да се пријават училишни и локални библиотеки и јавно достапни библиотечни фондови, а библиотека може да предложи и секој што е запознаен со нејзините потреби

Уште до петок, 7 август, трае пријавувањето на јавниот повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, преку кој „Матица македонска“ ќе подари фонд од 35 книги на една библиотека, во рамките на програмата „Зад датумот – овој Илинден, Македонија се чита“.

На повикот може да се пријават училишни и локални библиотеки, како и јавно достапни библиотечни фондови што работат во рамките на културни и образовни центри. Библиотеката не мора самата да се пријави – може да ја предложи и читател, наставник, родител, здружение, локална институција или друго лице запознаено со нејзината работа и со потребите на заедницата на која ѝ служи.

За пријавување не е потребна обемна документација. Пријавата треба да содржи:

– име и населено место на библиотеката;
– институција во чиј состав работи;
– приближен број и возраст на корисниците;
– краток опис на постојниот библиотечен фонд;
– области во кои најмногу недостигаат книги;
– контакт на одговорно лице.

Изборот нема да се врши преку јавно гласање, ниту според бројот на допаѓања и споделувања на социјалните мрежи. Ќе се разгледуваат реалната потреба на библиотеката, бројот и возраста на нејзините корисници, јавната достапност на фондот и можноста книгите редовно да се читаат, позајмуваат и користат.

Фондот од 35 книги нема да биде однапред составен. Насловите ќе бидат избрани според потребите на библиотеката, возраста и интересите на нејзините читатели и состојбата на постојната збирка. Тој може да опфати изданија за Илинден, македонската историја и државност, македонскиот јазик, фолклорот, книжевноста, уметноста и културното наследство, како и книги за ученици и помлади читатели.

Со јавниот повик, „Матица македонска“ настојува да создаде библиотечна целина што нема да биде само пригоден подарок, туку фонд што долгорочно ќе им биде достапен и ќе им служи на читателите. Иницијативата се реализира во годината во која издавачката куќа одбележува 35 години од основањето, во рамките на книжевно-културната програма „Зад датумот“, под слоганот „Овој Илинден, Македонија се чита“.

Пријавите и предлозите се испраќаат на [email protected], најдоцна до петок, 7 август 2026 година, во 23:59 часот.

Избраната библиотека ќе биде објавена на 12 август 2026 година.

Поврзани вести