
Македонија влегува во најкритичниот период од летото, со температури кои во наредните денови ќе достигнуваат и до 42 Целзиусови степени. Поради високата опасност од пожари, Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на целата територија на државата, а здравствените власти предупредуваат дека топлотниот бран може да има сериозни последици врз здравјето на граѓаните.
Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, екстремно високите дневни температури ќе бидат проследени и со таканаречени тропски ноќи, кога температурата нема значително да се намалува ниту во текот на ноќта. Тоа дополнително ќе го зголеми ризикот од топлотна исцрпеност и здравствени компликации.
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 33 до 42 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на сончево и многу топло време со дневна температура која во некои места ќе достигне 40°C. Од четврток до крајот на седмицата во попладневните часови ќе има услови за локален ра развој на нестабилна облачност со краткотраен пороен дожд и грмежи.

Македонски


