Skip to main content
Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Охридско лето“

„Охридско лето“ повеќе од шест децении е синоним за врвна уметност и така треба да остане

„Охридско лето“ го слави својот роденден, а директорот на Фестивалот, еден од најистакнатите вокални уметници на нашата сцена, тенорот Ѓорѓи Цуцковски, споделува ексклузивни рефлексии за магијата на овој фестивал.

Како уметник кој со години ја освојува публиката на сцените на Античкиот театар и „Света Софија“, Цуцковски во ова интервју зборува за емоцијата, одговорноста и престижот да се биде дел од традицијата која повеќе од шест децении го позиционира Охрид како светски културен центар.

Кога звуците на класичната музика ќе се спојат со вековната акустика на Охрид, се раѓа уметност која го запира времето. Цуцковски открива што за него претставува охридската фестивалска магија, како е да се настапува пред најпробирливата публика и зошто овој роденден е празник за целата македонска култура.

Годинешново, 66. издание донесе над 700 уметници од 24 земји. Која е Вашата долгорочна визија за естетската насока во која треба да се развива „Охридско лето“ во иднина?

„Охридско лето“ повеќе од шест децении е синоним за врвна уметност и така треба да остане. Годинава успеавме да донесеме повеќе од 700 уметници од 24 земји,  а веќе на половина од фестивалската програма зад нас се бројни вечери со исполнети гледалишта и публика која со долгите аплаузи потврди дека квалитетот е препознаен и ценет. Тоа за нас е најголемата потврда дека сме на вистинскиот пат, но и обврска од година во година да бидеме уште подобри.

Оваа година направивме уште еден чекор во насока на збогатување на фестивалската понуда со воведување на џез-вечерите кои наидоа на голем интерес кај публиката и за кои се бара карта повеќе. Тоа ни покажува дека „Охридско лето“ има простор да се развива без притоа да го изгуби својот препознатлив уметнички израз.

Мојата визија е фестивалот да продолжи да ги носи најдобрите светски и домашни уметници, но истовремено да биде простор каде што ќе се раѓаат нови идеи, нови продукции и нови уметнички соработки. Треба да ја чуваме традицијата што ја изградиле генерации пред нас, но и да бидеме доволно храбри да ги следиме современите уметнички текови. Само така фестивалот ќе остане жив, актуелен и препознатлив на светската културна мапа.

На отворањето на Античкиот театар видовме светски имиња како Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново. Што е она што нив најмногу ги воодушевува тука?

Секој голем уметник што ќе дојде во Охрид најпрво останува без зборови пред убавината на градот и магијата на сцените на кои настапува. Античкиот театар и црквата „Света Софија“ не се само концертни простори, туку места со душа и историја. Уметниците често велат дека овде чувствуваат посебна енергија и исклучителна блискост со публиката. Тоа е нешто што не може да се создаде, туку се доживува, и токму затоа многумина посакуваат повторно да се вратат на „Охридско лето“.

Но, не е само амбиентот она што остава впечаток. Подеднакво важни се гостопримството, професионалната организација и посветеноста на целиот фестивалски тим. Секој уметник сака да се чувствува почитуван и добредојден, а ние се трудиме токму тоа да му го овозможиме, од првиот контакт до последниот аплауз. Мислам дека токму таа комбинација од врвна организација, искрено гостопримство и единствените фестивалски сцени создава искуство што го прави „Охридско лето“ препознатливо и посакувано место за секој голем уметник.

Колку е тешко да се задржи строгиот уметнички критериум во времиња кога финансиите и буџетите се секогаш ограничен фактор?

Не е лесно, но токму тоа е нашата најголема одговорност. Буџетите секогаш имаат свои граници, но квалитетот не смее да биде компромис. Со добро планирање, искрени партнерства и голема посветеност успеваме да создадеме програма зад која стоиме со гордост.

Во изминатиот период особено внимание посветивме и на создавање нови партнерства и привлекување нови поддржувачи на фестивалот, бидејќи веруваме дека „Охридско лето“ е заедничка вредност која треба да ја поддржуваат сите оние кои ја препознаваат важноста на културата.

Сакам посебно да му се заблагодарам на нашиот генерален спонзор А1 Македонија, кој од минатата година ја препозна вредноста на „Охридско лето“ и значењето што фестивалот го има за културата, градот и целата држава.

Кога имате партнери кои веруваат во истата идеја, тогаш полесно е да се надминат предизвиците и да се создаде фестивал каков што заслужува нашата публика.

„Охридско лето“ е синоним за културен туризам. Кои се клучните чекори што ги преземате за Охрид да се позиционира рамо до рамо со Салцбург или Верона?

Охрид има нешто што ретко кој град во светот го поседува, уникатна комбинација на културно наследство, природна убавина и традиција која трае со векови. Кога на тоа ќе го додадете фактот дека повеќе од шест децении тука се создава фестивалска приказна со врвни уметници од целиот свет, тогаш станува јасно дека имаме огромен потенцијал да бидеме уште повидливи на светската културна мапа.

Предноста на Охрид е тоа што тука посетителите не добиваат само културен настан, туку добиваат доживување. А токму доживувањата се она што луѓето ги паметат и поради кои повторно сакаат да бидат дел од оваа приказна.

Секако, за да се споредуваме со фестивалски центри како Салцбург или Верона, потребна е долгорочна и сериозна работа. Не станува збор само за доведување големи уметнички имиња, туку за создавање целосен амбиент во кој градот, сцените, публиката, гостопримството и организацијата ќе бидат дел од една заедничка визија.

Нашата цел е „Охридско лето“ уште повеќе да се отвори кон светот преку нови меѓународни партнерства, поголема промоција, соработка со значајни културни институции и привлекување уметници кои се носители на светската сцена. Истовремено, мора да продолжиме да ја негуваме и домашната уметничка сцена, бидејќи фестивал со таква традиција треба да биде место каде што се среќаваат светското и македонското културно богатство.

Верувам дека иднината на „Охридско лето“ е во тоа, да го зачуваме духот и традицијата што ги имаме, но и да продолжиме да се развиваме и да чекориме со времето.

Колку е тешко да се направи баланс помеѓу уметникот Ѓорѓи Цуцковски и директорот Цуцковски кој мора да размислува за логистика, буџети и администрација?

Во мене секогаш живее уметникот, но функцијата директор бара голема одговорност и секојдневни организациски предизвици. Научив дека едното не може без другото. Уметникот ми помага да ја почувствувам вредноста на секој настап, а директорот да обезбеди услови таа уметност да стигне до публиката на најдобар можен начин. Кога на крајот ќе ги видите задоволните лица на сцената и во публиката, знаете дека целиот труд вредел.

Од друга страна, водењето на еден фестивал со традиција како „Охридско лето“ значи и голема одговорност. Секој детал е важен, од изборот на уметниците, преку организацијата на настаните, до моментот кога публиката ќе седне во салата или под отворено небо и ќе ја почувствува магијата на уметноста.

Можеби токму најголемиот предизвик е да останете верни на уметничката идеја, а истовремено да ги најдете најдобрите начини таа идеја да стане реалност. Кога ќе успеете во тоа, тогаш знаете дека сте направиле нешто вредно за фестивалот, за уметниците и за публиката.

Со кој збор или реченица би го најавиле следното фестивалско лето?

Би рекол дека секое издание на „Охридско лето“ има своја приказна, своја емоција и своја порака. Ако годинава ја славевме љубовта како универзална вредност што ги обединува луѓето, би сакал следната година да ја славиме светлината – светлината што ја носи уметноста, што ги отвора видиците, ги поврзува луѓето и останува да свети во нас долго откако ќе се спушти завесата. Нека следното „Охридско лето“ биде фестивал што ќе нè потсети дека токму уметноста е светлината што никогаш не згаснува.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести