Skip to main content

Дали ФИФА уништува докази за обидот на Инфантино за приватно Светско првенство?

 Европската фудбалска унија (УЕФА) ѝ се закани денеска на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) со правни мерки поради контроверзниот план на претседателот Џани Инфантино да продаде удел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори и го предупреди раководното тело на светскиот фудбал да не ги уништува потенцијалните докази.


Како што денеска јавија светските агенции, адвокатите на УЕФА ја информирале ФИФА дека европското тело „активно разгледува правни постапки, арбитража и/или регулаторни побарувања … што произлегуваат од и во врска со планот ФФЕ (FIFA Forward Enterprise) предложен од ФИФА и сите поврзани прашања“.
Писмото било адресирано до ФИФА во петокот од адвокатската фирма „Дехерт“ со седиште во Њујорк.
Во писмото се наведени 18 директори на ФИФА за кои се вели дека треба да чуваат податоци, документи и електронски пораки како потенцијални докази.


„УЕФА формално ве информира дека секое уништување, бришење, менување, прикривање или губење на релевантни материјали по приемот на ова известување или по кој било претходен датум кога сте биле или разумно требало да бидете свесни дека се разгледуваат постапки, може да претставува уништување на докази“, се вели во писмото.


Во саботата, УЕФА објави дека сака да го прекине децениското претседателствување на Инфантино, наспоменувајќи оти тој ја изгубил довербата на светскиот фудбал и оти „ниту една опција не треба да се исклучи“.
Неколку часа претходно, Инфантино го повлече предлогот со кој на земјите членки на ФИФА им беше понудена еднократна исплата од по 20 милиони долари, со рок до средината на септември да го прифатат.
Плановите на првиот човек на ФИФА пропаднаа откако сите 55 земји-членки на УЕФА се согласија да го бојкотираат Светското првенство и другите натпреварувања на ФИФА. КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација, исто така, се изјаснија против планот на Инфантино. 

Поврзани вести