Skip to main content

Владата вечерва донесе одлука за кризна состојба во државата поради зголемени ризици од пожари

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба на целата територија на државата поради зголемените ризици и опасности од пожари на отворен простор и шумски пожари, во времетраење од 30 дена, почнувајќи од утре.
 
Владината прес-служба вечерва соопшти дека одлуката е донесена со цел навремено, координирано и ефикасно справување со состојбата на терен, како и максимално мобилизирање на сите расположливи институционални капацитети за заштита на животите на граѓаните, нивниот имот и природните ресурси.

Во рамките на донесената одлука се предвидува активирање на Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, кој ќе биде во постојано заседавање и во рок од 24 часа ќе изготви акциски план за превенција и справување со пожарите, преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси, како и план за координирано дејствување на сите надлежни институции. Владата ги задолжи сите органи на државната управа да постапуваат согласно со прописите за управување со кризи и во целост да ги стават на располагање своите капацитети, со цел навремена и ефикасна реакција на терен, информира владината прес-служба.

Поврзани вести