Skip to main content

АХВ предупредува: Топлотниот бран е опасен и за животните, неопходни се вода, ладовина и проветрени простории

По најавата на Управата за хидрометеоролошки работи дека земјава во наредните денови ќе биде зафатена од топлотен бран, Агенцијата за храна и ветеринарство предупредува дека високите температури претставуваат сериозна опасност и за животните.

Од АХВ посочуваат дека несоодветните услови за чување, високата влажност и недоволната вентилација во објектите може да предизвикаат топлотен удар. Сончаницата, пак, се јавува како последица на директно и продолжено изложување на сончевите зраци.

Во двата случаи последиците може да бидат фатални доколку не се реагира навреме, особено ако животните се изложени на физички напор или се транспортираат при исклучително високи температури.

„Порастот на температурите претставува стрес за секое животно, а може да се манифестира со намален апетит, послабо внесување храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст“, велат од АХВ за МИА.

Меѓу симптомите што може да укажуваат на топлотен удар или сончаница се забрзано и плитко дишење, несигурно движење и тетеравење, значително зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед и зголемена жед. Во потешките случаи може да се појават тикови и грчеви на мускулите, што укажува на сериозна состојба и бара итна реакција.

Во такви ситуации животното треба веднаш да се префрли во ладовина или во разладена и добро проветрена просторија. Треба да му се обезбеди доволно свежа вода, а телесната температура постепено да се намалува со туширање или прскање со умерено ладна вода, или со поставување ладна и влажна крпа на главата и вратот.

Од АХВ нагласуваат дека ладењето не смее да биде премногу нагло, бидејќи и тоа може дополнително да ја влоши состојбата на животното.

Посебно предупредување се упатува до сопствениците на домашни миленици. Тие не треба да ги оставаат животните во затворени автомобили изложени на сонце, ниту да ги изнесуваат на прошетка во најтоплиот дел од денот. Потребно е постојано да им бидат достапни свежа и чиста вода, ладовина и проветрена просторија.

На фармите, пак, треба да се внимава на густината на сместување на животните во објектите и да се обезбеди соодветна заштита од директното сонце. На отворените простори треба да има натстрешници или природна сенка.

„Животните треба да се изнесуваат во раните утрински или во вечерните часови. Во тој период треба да се организираат и нивниот транспорт и користењето за работа, бидејќи температурите се пониски“, препорачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поврзани вести