Skip to main content

Пад на глобалната побарувачка за авионски превоз поради остар пад на сообраќајот на Блискиот Исток

Глобалната побарувачка за авионски патнички превоз во јуни се намали за 1,7 проценти на годишно ниво, главно поради остриот пад на сообраќајот на Блискиот Исток предизвикан од војната со Иран, како и поради послабата домашна побарувачка во Кина, САД и Јапонија, соопшти денеска Меѓународното здружение за воздушен превоз (ИАТА).

Вкупниот капацитет на авиокомпаниите, мерен во достапни километри седишта, се намали за 1,3 отсто, додека коефициентот на оптоварување на патниците се намали за 0,4 процентни поени на 84,2 отсто.

Доколку од пресметките се исклучат податоците за Блискиот Исток, глобалната побарувачка би била намалена за значително поумерени 0,6 проценти.

Меѓународниот патнички сообраќај се намалил за 0,9 проценти во споредба со истиот месец лани, но без Блискиот Исток е забележан раст од 1,1 процент. Меѓународниот капацитет бележи пад од 0,6 проценти, а факторот на пополнетост изнесува 84,2 проценти.

Домашната побарувачка регистрира пад од три проценти, со намалување на капацитетот за 2,4 проценти и фактор на пополнетост од 84 проценти.

Најголем пад е забележан кај авиопревозниците од Блискиот Исток, каде што меѓународната побарувачка се намалила за 14 проценти, а капацитетот за 11 проценти. Нивниот фактор на пополнетост се намалил за 2,6 процентни поени, соопштуваат од ИАТА.

Оттаму наведуваат дека воениот конфликт со Иран и натаму силно влијае врз воздушниот сообраќај во тој регион, иако темпото на падот е преполовено во однос на април, со оглед на тоа што авиокомпаниите постепено ги нормализираат своите операции.

  • Глобалната побарувачка за воздушен превоз во јуни беше за 1,7 проценти пониска во споредба со 2025 година – изјави генералниот директор на ИАТА, Вили Волш.

Тој предупреди дека обновените тензии и повисоките цени на горивото ќе го отежнат закрепнувањето на регионот и може дополнително да ги зголемат цените на авионските билети.

За разлика од Блискиот Исток, европските авиокомпании забележаа раст од 1,5 проценти на меѓународната побарувачка, додека линиите меѓу Европа и Азија остварија раст од 11 проценти, што е највисок резултат меѓу главните меѓународни воздушни коридори.

Авиокомпаниите од Азија и Пацификот регистрираа раст на побарувачката од 0,4 проценти, иако капацитетот им е намален за 1,1 процент. Според ИАТА, повисоките цени на горивото принудиле дел од превозниците да ги намалат летовите на пократките азиски линии.

Најсилен раст на побарувачката е забележан кај африканските авиокомпании – 6,7 проценти, по што следуваат превозниците од Латинска Америка со раст од 3,5 проценти.

Кај северноамериканските авиокомпании, меѓународната побарувачка е намалена за еден процент, а капацитетот за 0,7 проценти.(МИА)

Поврзани вести