Skip to main content

Мицкоски: Силните јавни финансии се предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и севкупниот развој на општеството

Влада

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитки по повод 25-годишнината од формирањето на Центарот за извонредност во финансиите, оценувајќи дека организацијата има значаен придонес во развојот на јавните финансии, професионалните капацитети и регионалната институционална соработка.

Во своето обраќање пред министри, гувернери, претставници на меѓународните институции и експерти, Мицкоски нагласи дека Центарот во изминатите две и пол децении прераснал во еден од најважните регионални центри за знаење и професионален развој.

Според него, јубилејот не претставува само одбележување на временски период, туку признание за мисијата на организацијата, која придонесува за создавање подобри институции, поефикасни политики и поодговорно управување со јавните ресурси.

Мицкоски посочи дека во услови на брзи глобални промени, комплексни економски текови и сè поголеми предизвици, знаењето и институционалниот капацитет стануваат најважниот капитал на секоја држава.

Тој истакна дека Центарот досега обучил десетици илјади професионалци, организирал илјадници настани и создал мрежа што ги поврзува институциите од регионот. Како негова најголема вредност ја издвои создадената култура на учење, размена на искуства и заедничко пронаоѓање решенија.

Вистинскиот напредок не доаѓа само преку донесување закони и стратегии, туку преку создавање луѓе кои имаат знаење, интегритет и капацитет успешно да ги спроведуваат политиките – порача премиерот.

Мицкоски нагласи дека силните јавни финансии не се само економска категорија, туку темел на секоја успешна држава и предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и општествениот развој.

Тој порача дека Владата останува цврсто определена за градење стабилни, одговорни и транспарентни јавни финансии, при што секој денар од парите на граѓаните, како што рече, мора да биде управуван домаќински, отчетно и во интерес на јавноста.

Премиерот ја истакна и работата на министерката за финансии и нејзиниот тим, оценувајќи дека финансиската дисциплина и економскиот развој не се спротивставени цели, туку процеси што треба да се одвиваат паралелно.

Како потврда на економските политики, Мицкоски наведе дека во првиот квартал од годинава Македонија остварила раст на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти, со што, според него, се позиционирала меѓу првите пет економии во Европа според стапката на раст.

Тој додаде дека минатата година бил постигнат историски рекорд кај странските директни инвестиции, кои достигнале 1 милијарда и 255 милиони евра.

Овие бројки не се само статистика. Тие се потврда дека стабилните јавни финансии, одговорните економски политики и реформите создаваат доверба кај инвеститорите, ја поттикнуваат економската активност и отвораат нови можности за развој – рече Мицкоски.

Според него, позитивните економски резултати се дел од поширок тренд кој вклучува раст на индустриското производство, извозот и просечните плати, како и постепено намалување на невработеноста.

Тој посочи дека во изминатиот период била стабилизирана инфлацијата, била обезбедена попредвидлива деловна средина и била зајакната довербата во економските политики.

Премиерот најави и продолжување на големиот инвестициски циклус, кој опфаќа изградба и реконструкција на патишта, автопати, железничка инфраструктура, училишта, студентски домови, спортски сали, болници и енергетски капацитети.

Според него, овие проекти не претставуваат само инвестиции во инфраструктурата, туку и во конкурентноста на државата, подобриот квалитет на живот и иднината на следните генерации.

Мицкоски нагласи дека зад секој успешен проект и секоја реализирана политика стојат луѓе со знаење, искуство и чувство на одговорност кон јавниот интерес.

Тој додаде дека Македонија останува посветена на реформите, модернизацијата на јавната администрација, дигитализацијата на процесите и континуираното јакнење на институционалните капацитети.

Инвестицијата во знаење секогаш е најисплатливата инвестиција. Знаењето создава подобри политики, подобрите политики создаваат подобри институции, а подобрите институции создаваат економски раст и подобар живот за граѓаните – порача Мицкоски.

На Центарот за извонредност во финансиите премиерот му посака уште многу успешни години, нови партнерства и дополнителен придонес во развојот на јавните финансии и институциите во регионот.

Поврзани вести