Skip to main content

Втората инаугурација на Трамп

Претседателска инаугурација е прилично мачна работа – стануваш во 5 сабајле да фатиш метро од предградијата (сместување во центарот на Вашингтон на тој ден е невозможна мисија за обичните смртници). Потоа, уште по темница, се пробиваш низ неколку кругови на обезбедување околу Капитолот до твоето одредено место каде што се смрзнуваш неколку саати додека траат разните церемонии и говоранции и се молиш дека батеријата на телефонот ќе ти издржи на јануарскиот студ. Секако, ова малтретирање вреди поради историскиот момент – да бидеш присутен на настан кога Соединетите Држави, а со нив и светот, тргнале во една нова насока (на подобро или на полошо – тоа ќе видиме).
Мојата единствена инаугурација не навестуваше некој посебен историски пресврт – во јануари 2013 година Барак Обама беше претседател четири години и веќе го немаше тоа чувство на ентузијазам како при неговиот прв избор во 2008 година, а веќе дефинитивно пропадна и надежта дека ќе донесе мир во светот. Беше јасно дека наместо помирувачка фигура, Обама е лев политички идеолог и дека по неговата втора инаугурација ќе може да настапи ослободен од обврската „им прави лице“ на десните конзервативни Американци по прашања како што се ЛГБТ агендата, расните прашања и границата со Мексико. И навистина, релативно умерениот претседател Обама од првиот мандат се смени откако беше реизбран во ноември 2012 година, и на негово место дојде еден корозивен политичар кој почна да ги зголемува поделбите во американското општество, сметајќи дека така ќе го реализира политичкиот интерес на левицата. Во 2014 година почнаа расните немири во Фергусон, по што се засили поларизација по сите основи. Овој процес предизвика и контра-реакција од десното гласачко тело кое чувствуваше дека ја губи државата. Контра-реакцијата ја овозможи големата републиканска победа на конгресните избори во 2014 година, и, секако, изборот на Доналд Трамп две години подоцна. На надворешно-политички план, Обама и во вториот мандат ја продолжи катастрофалната политика на поттикнување на обоени револуции низ светот, една кампања која почна со крвавата Арапската Пролет, а заврши со уште по-крвавата украинска зима која се уште трае, при што шарената револуција во Македонија како една од фуснотите (мораме да се потсетиме на тоа како Обама и особено неговиот потпретседател Бајден ги движеа политичките процеси и потпалуваа обоени револуции на Балканот поради праксата на левицата во Македонија цинично да тврди дека всушност Доналд Трамп е претседателот кој ни го сменил името.. Технички е точно дека разврската на шарената револуција се случи во мандатот на Трамп, кој не стори ништо да го спречи тој процес, но јасно е кој ја измисли и водеше шарената американска надворешна политика на Балканите).

Инаугурацијата на Трамп во 2016 година помина во знакот на левичарските безредија низ градот и тврдењата на Трамп дека молот (просторот пред Конгресот) бил преполн со негови поддржувачи (просторот беше празен, што не е ни чудно имајќи предвид дека над 80 проценти од граѓаните на Вашингтон – кои се пред се луѓе од јавната администрација – гласаат за левицата).

За инаугурацијата на Бајден по спорните избори во 2020 година нема што да се зборува – се уште не беше исчистен ломот оставен од поддржувачите на Трамп (и уфрлените агенти) на американскиот 27 април.

И така доаѓаме до инаугурацијата 2025. За Македонија, ова е уникатен момент, пред се по тоа што премиерот Мицкоски најави посета на Вашингтон во деновите на инаугурацијата. Да расчистиме веднаш – странски државници никогаш не се канат на инаугурацијата – поканите се однесуваат на амбасадорите и на по некој залутан новинар. Причината за ова е што ако САД упатат покани до целиот свет, градот ќе биде преплавен со 200 премиери и претседатели и сите тие ќе бараат средба со новоизбраниот американски претседател. Оваа година, по исклучок, Трамп упати покана до кинескиот претседател, однапред свесен дека Пекинг ќе се заблагодари на овој гест и ќе испрати сериозна делегација, но секако претседателот Си ќе остане дома. Други странски лидери, освен лидерот на Кина, не беа поканети. Но, парлалено со инаугурацијата, во Вашингтон се организираат десетици приеми, балови и забави, во организација на политичките партии, разни организации и компании, американските сојузни држави, религиски групи и така натаму. Македонија оваа година имаше уникатна покана од една таква организација, која што премиерот Мицкоски ја прифати. Мицкоски не е осамен во тоа, се очекува со слични покани во Вашингтон да присуствуваат премиерката на Италија Мелони (веројатно поканета лично од Илон Маск, премиерот на Унгарија Орбан, претседателите на Аргентина и Ел Салвадор кои се и идеолошки блиски до новата американска администрација и други светски лидер.

Секако, Мицкоски не е поканет од здружението на акварелни сликари на Вашингтон или некоја слична небитна група. Во пресрет на американските избори, Македонија ја посети тим на бизнисмени кои сега веќе се и официјално номинирани да држат исклучително високи позиции во администрацијата на Трамп – зборуваме за иден висок член на кабинетот на Трамп, за иден советник на претседателот на разузнавање, и секако, Македонецот без кој ништо од ова немаше да се случи, Крис Павловски, чија формална позиција може да се нарече – член на дружината на Трамп – неформалната група на бизнисмени и јавни личности кои го придружуваат Трамп на секој чекор.

Павловски нема формална позиција во администрацијата на Трамп, но неформалната улога што ја има е веројатно на ниво, ако не и посилна, на местото член на кабинетот.

Така да, премиерот Мицкоски е поканет на едно прилично високо ниво, од контакти какви што Македонија досега баш и немала (особено не партијата ВМРО-ДПМНЕ). Имајќи ја предвид бруталната политизација на односот со САД од страна на другите партии во Македонија, особено ДУИ и СДСМ, за кои поддршката „од надвор“ се претвори во единствен аргумент зошто треба да бидат донесени на власт, за политичката стабилност на Македонија и за нормално функционирање на демократските процеси, неопходно е сите гласови и ставови од Македонија да бидат слушнати во светот, во Вашингтон, Брисел, Берлин – што досега не беше случај. Освен за воспоставување рамнотежа на домашната политичка сцена, изградбата на сериозни контакти со новата администрација во САД ќе биде многу важно и во регионалниот контекст. Соседните држави, навикнати на тоа да ни се мешаат во нашите внатрешни рабои, постојано ги користеле нивните контакти во Вашингтон (и особено правото на вето во Брисел) за да ни наметнуваат политички и идентитетски решенија. Македонија мора да ја искористи секоја можност што ќе и се укаже да се етаблира на меѓународната сцена, да одговори на туѓите притисоци, а зошто да не – да испорача и свои барања. Во моментов невозможно е да се предвиди како ќе се одвиваат работите во тектонските процеси кои се очекуваат (во кои Македонија не е ни третокласен приоритет) но почетокот е навистина ветувачки.

Поврзани вести