
Со тага ја примивме веста за смртта на Хазарос Сурмејан (1943–2026), македонски балетски уметник и кореограф, кој остави значаен белег во македонската и светската балетска уметност, соопштија од неговата матична куќа- Македонската опера и балет.
Хазарос Сурмејан (1943, Скопје – 2026, Торонто) изгради извонредна балетска кариера која траеше повеќе од пет децении. Своето образование и творечки пат ги започна во Македонија, а првиот професионален ангажман го оствари во Македонскиот народен театар (1958–1961). Во тој период остави забележителна трага со улогите на Бенволио во „Ромео и Јулија“, Џокер во „Фантастичен дуќан“, Кашеј во „Жар-птица“ и други.
Потоа ја продолжи својата кариера во балетските трупи во Келн и Минхен, за подоцна да премине во Националниот балет на Канада, каде што работеше цели 54 години. Таму ја достигна највисоката позиција – првенец, изведувајќи голем број насловни улоги на кои им даде особен индивидуален печат. Во текот на својата извонредна кариера беше ценет по своите технички квалитети, импресивно сценско присуство и исклучителна уметничка изразност.
Кон крајот на осумдесеттите години повторно се врати во Македонскиот народен театар, овојпат како кореограф. На 22 април 1987 година ја постави „Ромео и Јулија“ на музика од Сергеј Прокофјев (балетот доживеа обнови на 7 ноември 2003 и 23 март 2007 година). Во 2003 година го постави балетот „Ана Каренина“ на компилирана музика од Петар Илич Чајковски.
Иако најголемиот дел од својот творечки пат го помина во странските балетски центри, Хазарос Сурмејан остави силен и траен белег во македонската танцова уметност, афирмирајќи ја како дел од светската балетска сцена.
На неговото семејство, пријателите и колегите им упатуваме искрено сочувство, велат од Македонска опера и балет.

Македонски


