Skip to main content

Миланов: Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин

Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој од нас има право да биде сигурен дека храната што ја купува и консумира е безбедна. Токму таа доверба е најголемата одговорност што ја носиме како институција, порача директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов на настанот по повод јубилејот – 15 години од постоењето на АХВ и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната.

Како што истакна Миланов, минатата година АХВ ја заокружи со спроведени над 47.200 надзори, а за утврдените прекршоци изрече 6.770 инспекциски мерки.

Од формирањето на институцијата во 2011 година, нашата мисија беше јасна: да изградиме и одржуваме ефикасен, транспарентен и современ систем за контрола на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Тоа е систем кој веќе петнаесет години ги става граѓаните, производителите и бизнис секторот на прво место, со посветеност на безбедноста на храната, здравјето и благосостојбата на животните и заштитата на јавното здравје – нагласи директорот.

Според него, покрај безбедноста на храната, значаен дел од работата на АХВ е и здравствената заштита и благосостојбата на животните.

Нашата определба е јасна – здрави животни, безбедна храна и одговорен однос кон животните како предуслов за одржливо земјоделство и сигурен синџир на храна. Изминатите 15 години континуирано ги спроведувавме националните програми за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, како и програмите за мониторинг и надзор, со цел навремено откривање и справување со потенцијалните ризици. Благодарение на посветената работа на ветеринарните служби и соработката со одгледувачите, успеавме да одржиме висок степен на заштита на здравјето на животните и да придонесеме кон заштита на јавното здравје – рече Миланов.

Овие активности, дополни, се темелат на принципот „Едно здравје“, што ја препознава тесната поврзаност помеѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните и животната средина.

Осврнувајќи се на инспекциската служба, напомена дека спроведува десетици илјади надзори годишно, во сите фази од синџирот на храна – од примарното производство на храна од животинско потекло, производство и преработка на храна од животинско и неживотинско потекло, до дистрибуција и продажба.

Во континуитет, додаде директорот, се зајакнуваат и лабораториските контроли, мониторинг програмите за безбедност на храната и системите за брзо известување за небезбедна храна и за управување со ризици.

Покрај заштитата од небезбедна храна, особено внимание посветуваме и на спречувањето измами со храна. Современите предизвици не се ограничени само на безбедносните ризици. Сѐ почесто се соочуваме со случаи на погрешно означување, лажно претставување на потеклото или составот на производите и други практики кои можат да ги доведат потрошувачите во заблуда. Затоа, преку засилени контроли и лабораториски испитувања, континуирано ги зајакнуваме механизмите за откривање и спречување на ваквите појави, следејќи ги европските практики и стандарди. Со тоа ја штитиме не само безбедноста, туку и правото на потрошувачите на точни и веродостојни информации за храната што ја купуваат – потенцира Миланов.

Безбедноста на храната, рече, не се мери само преку бројот на спроведени контроли, туку и преку довербата што граѓаните ја имаат во институциите кои се грижат за нивното здравје.

Во 2024 и 2025 година ги интензивиравме инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Не дозволивме на домашниот пазар и на трпезите на граѓаните да се пласираат повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Како небезбедни од граничните премини вративме 16 пратки со храна од животинско потекло, а нештетно уништивме три пратки. Дополнително, забранети се девет пратки на храна од неживотинско потекло и уништени се 90 тони храна од неживотинско потекло од увоз – информира Миланов.

Пред присутните се обрати и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски. Како што истакна, јубилејот на АХВ е сведоштво за петнаесет години посветена и одговорна работа, континуирано јакнење на институционалните капацитети, унапредување на системите за контрола на безбедноста на храната и храната за животни, како и градење доверба кај граѓаните во институциите кои се грижат за нивното здравје и безбедност.

-Во време на сериозни глобални предизвици – климатски промени, појава на нови болести, нарушени синџири на снабдување и сè поголеми барања за квалитет и сигурност – прашањето за безбедна храна станува прашање на национална безбедност, јавно здравје и доверба во институциите. Токму затоа, концептот „Едно здравје“ денес има особено значење. Тој нè потсетува дека здравјето на луѓето, животните и животната средина се тесно поврзани и меѓусебно зависни. Безбедната храна почнува со здрави животни, соодветна ветеринарна грижа, контролирано производство, одговорно користење на природните ресурси и ефикасен институционален надзор – порача Димовски.

Вицепремиерот оцени дека паралелно со институционалното зајакнување, изминатите години растеше и свесноста кај операторите со храна. Сè повеќе компании, според него, сфаќаат дека почитувањето на стандардите не е само законска обврска, туку предуслов за доверба, конкурентност и одржлив развој.

Охрабрува и фактот што од година во година расте свесноста и кај граѓаните како потрошувачи. Денес тие се поинформирани, поактивни и сè погласно ги бараат и штитат своите права – правото на квалитетна, а пред сè, безбедна храна. Тоа е позитивен процес, затоа што силната заштита на потрошувачите е темел на секое современо и одговорно општество – посочи Димовски.

Владата, како што заклучи во обраќањето, останува цврсто посветена на натамошно јакнење на институционалните капацитети на Агенцијата за храна и ветеринарство, но и на сите институции кои на кој било начин се поврзани со храната, здравјето и благосостојбата на животните.

Нашата цел е јасна – граѓаните да бидат сигурни дека храната што секојдневно ја консумираат е безбедна, контролирана и произведена согласно највисоките стандарди. Безбедноста на храната е заедничка одговорност. Институциите ќе продолжат посветено и одговорно да работат во заштита на јавното здравје, но истовремено исклучително важно е и секој од нас, како потрошувач, да биде информиран, внимателен и одговорен – рече Димовски.(МИА)

Поврзани вести