
Промоцијата на книгата „Женска работа: Современиот вез во земјите од поранешна Југославија“, уредена од Амалија Стојсављевиќ, ќе се одржи на 4 јуни (четврток) во 18:30 часот, а ќе биде проследена со камерна изложба со избор на дела од текстил и вез на Христина Иваноска, Зорица Зафировска и Дарко Алексовски, која ќе биде отворена до 9 јуни.
Промоцијата во Скопје е замислена како разговор помеѓу уредничката на публикацијата, српската кураторка и културна работничка Амалија Стојсављевиќ, и уметниците Христина Иваноска, Зорица Зафировска и Дарко Алексовски, кои поради својата континуирана пракса во овој медиум се претставени во ова издание. Разговорот ќе го отвори прашањето: зошто текстилот долго време бил на маргините на уметноста и што се менува кога уметниците го преземаат како средство за критика, отпор и поврзување.
Книгата опфаќа избор од 30 автори, колективи и практики од регионот, нудејќи можност да се говори за везот како уметнички јазик кој произлегува од традицијата на рачната изработка, но ја надминува истата. Изборот на уредничката ги здружува уметниците и колективите кои преку везот ги отвораат темите за женскиот труд, телото, сеќавањето, секојдневниот живот, солидарноста и социјалните нееднаквости, нагласувајќи дека овие практики треба да бидат забележани и почитувани во заедничкиот постјугословенски простор, без да се бришат локалните разлики и искуства. Книгата е на српски и англиски јазик, а промоцијата ќе биде збогатена со камерна групна изложба со избор на дела од тројцата македонски уметници.
На плакатот за промоцијата на книгата и изложбата претставен е детал од дело на Драгана Дубљевиќ.
Амалија Стојсављевиќ е историчарка, кураторка и културна работничка со седиште во Виена. Нејзината практика критички ја истражува другоста, репродуктивниот труд и феминистичките стратегии во постјугословенските и мигрантски контексти, како и аутсајдер уметност и институционална видливост. Авторка е и уредничка на повеќе публикации и кураторски проекти. Од 2025 година, таа е дел од уметничкиот тим на TEATA, нов повеќејазичен театар во Виена кој е во фаза на развој.
Христина Иваноска е уметница чија практика опфаќа инсталација, перформанс, видео и цртеж. Нејзината работа ги истражува колективната меморија, женскиот отпор и политиките на репрезентација низ феминистички и постсоцијалистички перспективи. Ко-основачка е на Проектен простор Прес ту егзит и активно учествува во независната културна сцена меѓу Скопје и Берлин.
Зорица Зафировска е уметница и културна работничка чија практика обработува социо-политички теми преку инсталации, акции и колаборативни процеси. Активно учествува во независната културна сцена преку колективи и иницијативи. Добитничка е на наградата „ДЕНЕС“ и има реализирано бројни изложби и проекти низ Балканот, Европа и САД.
Дарко Алексовски е визуелен уметник чија практика ги поврзува сликата и текстот. Дипломирал и магистрирал на Факултет за ликовни уметности – Скопје. Учествувал на резиденцијални програми и меѓународни изложби во Европа и Австралија. Неговата работа истражува коегзистенција, меморија и можни алтернативни иднини. Моментално живее и работи во Велес.

Македонски


