Skip to main content

Над 100 македонски и грчки ИКТ компании доаѓаат во Скопје во потрага по нови бизнис зделки

Над 100 претставници на технолошки компании, институции и организации од Македонија и Грција ќе се соберат на 4 јуни во Скопје на „North Macedonia – Greece Digital Bridge & Business ICT Forum“, со една главна цел – нови партнерства, нови клиенти и нови бизнис можности.

Форумот, кој го организира Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во соработка со грчката асоцијација SETPE, ќе биде место каде што компаниите од двете земји ќе разговараат за конкретна соработка, заеднички проекти и настап на регионалните и европските пазари.

Според организаторите, станува збор за еден од најголемите билатерални настани меѓу Македонија и Грција во последните години, со повеќе од 140 однапред организирани деловни средби меѓу компаниите и кој за прв пат се одржува на ниво на оваа индустриска гранка.

„Нашата цел е од овој форум да произлезат нови договори, а не само нови визит-картички. Веруваме дека македонските и грчките компании имаат многу повеќе простор за соработка отколку што денес го користат и токму затоа ги создаваме овие можности за директни средби меѓу нив“, вели претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски.

Во рамки на форумот ќе биде потпишан и Меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и SETPE, со кој двете организации ќе воспостават поинтензивна соработка во областа на дигиталната економија, иновациите и технолошкиот развој.

Настанот ќе биде отворен од претставници на МАСИТ и SETPE, а најавено е учество и на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски и амбасадорката на Република Грција во Македонија, H.E. Софија Филипиду.

Покрај официјалниот дел, ќе се одржат презентации на компании од двете земји, како и B2B средби посветени на создавање нови деловни партнерства и развој на конкретни бизнис иницијативи.

Форумот ќе се одржи на 4 јуни во хотел „Holiday Inn“ во Скопје со почеток во 09:00 часот.

Поврзани вести