Skip to main content

Ванчо Полазаревски, добитник на наградата „Оливера Николова“ за 2026 година: Пишувањето за деца е привилегија!

На Меѓународниот ден на детето, во присуство на деца,  автори, на книжевници и на читатели од сите генерации, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ вчеравечер (1 јуни) се одржа свеченото доделување на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2026 година. Наградата му беше врачена на Ванчо Полазаревски за романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.

На настанот, покрај врачувањето на признанието за најдобар необјавен роман за деца и млади, што го носи името на големата македонска писателка за деца Оливера Николова, се одржа и промоција на наградениот роман. Покрај авторот, пред присутните се обратија: Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка, Ермис Лафазановски, првиот добитник на наградата во 2025 година и Јана Андреевска, ќерка на Оливера Николова.

Членовите на жири-комисијата истакнаа дека вториот добитник на наградата е избран со едногласна одлука, нагласувајќи ги оригиналноста, хуморот и современиот пристап што ги носи романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“.

Годинашниот добитник на наградата ’Оливера Николова‘ – романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ од Ванчо Полазаревски – ја актуализира важноста на екологијата и сфаќањето на околината и на природата како наш единствен, вистински и заеднички дом. Тоа го прави на даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и на ведар начин, при што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречи да допре до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот.“

Во името на семејството на Оливера Николова се обрати нејзината ќерка, Јана Андреевска, која рече:

Кога ја прашуваа мајка ми што за неа значи пишувањето за деца, таа често знаеше да рече: ‚Пишувањето за деца ми овозможува да се вратам во детството – не во она што јас го имав, растејќи во воени услови, туку во детството што секое дете заслужува да го има, во кое безгрижно си игра‘“.

По врачување на наградата победникот Ванчо Полазаревски изјави:

Пишувањето за деца е привилегија, затоа што ти овозможува да влезеш во бесконечното царство на фантазијата, каде што можеш да сретнеш самовили, вампири, розови слонови и да создаваш приказни на која било тема. Во мојот роман главен јунак е хуморот, но приказната е инспирирана од реалноста. Таа е автентична и произлегува од моето секојдневие во населбата каде што живеам – Капиштец. Всушност, ’Капи и Штици‘ е уметничкото име за Капиштец. Таму, наместо да цветаат цвеќиња и дрвја, често цвета натрупаниот отпад. Токму тој судир меѓу убавото и грдото е движечка сила на приказната, затоа што без конфликт нема приказна. Дилемата како да се среди ѓубрето во Капиштец ја поставив и пред вештачката интелигенција, но компјутерот едноставно прегоре. Затоа, во приказната повикав помош од други галаксии. Иако во романот добрите победија, а лошковците си заминаа, во реалноста сликата сè уште не е идеална. Преку хуморот сакав да испратам порака до децата што ќе ја читаат книгата – да се грижат за својата околина. Читањето треба да биде исполнето со љубов и со смеење. И покрај тоа што денес многумина се потпираат на вештачката интелигенција за читање и за пишување, ние, последните Мохиканци што сè уште пишуваме, продолжуваме понатаму. Идејата да се напише роман за деца е фантастична. Пишувам брзо и со леснотија, па понекогаш и самиот се чудам како музата сè уште не ме напуштила, иако веќе сум во сериозни години. Шегата настрана, навистина сум благодарен за наградата. Особено сум среќен и од тоа како изгледа книгата. Ликовно-графичките решенија, како и илустрациите на Здравко Гиров, се фантастични, ја следат приказната и прекрасно ја надополнуваат“, рече тој.

Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Оливера Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и за млади. „Арс Ламина“ веќе го распиша и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за 2027 година.

Поврзани вести