
Забрзаното ширење на еболата во Демократска Република Конго предизвикува сериозна загриженост кај здравствените власти и хуманитарните организации. Меѓународната организација „Лекари без граници“ предупреди дека ситуацијата е „длабоко вознемирувачка“, бидејќи само две недели по прогласувањето на епидемијата е регистриран исклучително голем број заболени.
Заменик-директорот на организацијата, Алан Гонзалес, изјави дека никогаш досега не бил забележан толку брз пораст на случаи на ебола во толку краток временски период.
Според последните податоци, во Демократска Република Конго има повеќе од 1.000 сомнителни случаи на инфекција, а најмалку 246 лица починале. Во соседна Уганда се потврдени девет случаи и еден смртен случај.
Гонзалес посочи дека вистинскиот размер на епидемијата сè уште не е познат, бидејќи секојдневно се пријавуваат нови сомнителни случаи, додека стотици земени примероци сè уште не се лабораториски обработени.
Во меѓувреме, генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, ја посети провинцијата Итури, која е најтешко погодена од епидемијата, за да ги следи активностите за нејзино сузбивање.
Хуманитарните организации предупредуваат дека доставувањето помош и борбата против вирусот се отежнати поради затворени граници, ограничен воздушен сообраќај и тековните вооружени судири во регионот.
Еболата се пренесува преку директен контакт со телесните течности на заразено лице, како и преку контаминирани предмети. Актуелната епидемија е предизвикана од реткиот сој Бундибугио, за кој засега нема докажана вакцина. Според експертите, од овој сој умира приближно една третина од заразените лица.

Македонски


