
Тринаесетгодишник завршил во болница откако избувнал пожар во стан во центарот на Скопје. Детето добило изгореници и вдишало чад додека се обидувало само да го изгаси огнот. Случајот ги вознемирил соседите.
Од МВР информираат дека пожарот бил пријавен околу 12.40 часот. Интервенирале пожарникари и Итната помош.
Според неофицијални информации, детето било само во станот кога почнало да готви. Во еден момент се запалиле кујнска крпа или сунѓер. Во обид да го изгаси огнот, детето ги изнело запалените предмети на терасата. Таму имало алишта кои се сушеле, по што се создал густ чад што ги вознемирил станарите од околните згради. Сцените предизвикале паника.
Детето успеало навреме да излезе од станот пред пожарот да се прошири. Набргу потоа било пренесено со возило на Итната медицинска помош во Градската општа болница во Скопје. Нема информации за тежината на повредите.

Македонски


