Skip to main content

Во Македонија како социјална држава немаме категории граѓани кои не се покриени со здравствено осигурување, вели директорот на ФЗО Сашо Клековски

Фонд за здравствено осигурување / Сашо Клековски, директор на ФЗО

Во Македонија како социјална држава немаме категории граѓани кои не се покриени со здравствено осигурување. Постојат многу основи предвидени со закон за здравствено осигурување кои нудат сеопфатност, а за граѓаните кои не можат да се осигураат по ниту една основа има посебна основа. Тоа се лица кои не остваруваат приходи. Овие лица се осигуруваат преку програма на Министерството за здравство кое плаќа здравствено осигурување за нив, истакна денеска генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Посочи дека како потврда на фактот дека нема категорија граѓани која не е осигурана говори тоа дека во моментот има 1.836.000 осигуреници од кои 470.000 или секој четврти граѓанин не остварува приходи.

Во основа оваа категорија, појасни тој, овозможува за лицата кои минатата година имале под 293.000 денари приходи, кои во последните два месеца имале помалку од 48.000 денари да добијат бесплатно здравствено осигурување, а за лицата кои имале повисоки приходи од овие плаќаат придонес на основица 50 отсто од просечна плата, а тоа е 2.593 денари месечно, да се здобијат со здравствено осигурување.

фото: Извор ФЗО

Точно е дека немаме категории кои не се опфатени, но има проблеми со здравствено осигурување во поедини случаи, но ние работиме на тоа. Прво работната група на Министерството за здравство, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Фондот, кои ги гледа овие критериумите за тие 470.000 лица. Тука имаме два типа проблеми, прво за лица кои непосредно дале или добиле отказ и како да се обезбеди транзицијата и второ лицата кои остваруваат нерегистрирани приходи односно работат во сивата економија во земјата или кои приходите ги остваруваат во странство. Овие лица не би требало да бидат осигурувани со бесплатно здравствено осигурување, рече Клековски.

Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека можно е да има починати лица кои се носители на здравствено осигурување и преку нив да се осигурани други членови на семејството.

Ние координираме со Матичните книги како да ја подобриме комуникацијата за прочистувањето на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно. Втората група каде е можно да имаме непотребно здравствено осигурување е во групата лица кои не остваруваат приходи, додаде Клековски.

Поврзани вести