Skip to main content

Врвна пијанистичка вечер со Марија Ѓошевска

Една од најреномираните македонски пијанистки, Марија Ѓошевска, синоќа одржа Рецитал во Камерната сала на Македонската Филхармонија и приреди исклучително музичко доживување за љубителите на класичната музика.

Програмаше беш е внимателно конципирана и донесе дела од врвот на пијанистичкиот репертоар, така што публиката ги слушна „24 Прелудии“, оп. 28 од Фредерик Шопен – циклус кој преку кратки, но исклучително длабоки минијатури го открива целиот емоционален универзум на композиторот. Концертот беше заокружен со варијациите оп. 22 од Сергеј Рахмањинов, дело кое се издвојува по својата виртуозност, драматичен набој и богата хармонска експресија.

Посебен сегмент од програмата беше посветен на современото македонско творештво, преку изведбата на делото „Felem“ за соло пијано од композиторката Бете Илин, со што концертот добива и значајна културна димензија во контекст на афирмацијата на домашната музичка сцена.

Рециталот беше ретка можност за публиката да проследи врвна уметничка интерпретација и внимателно избрана програма која обединува класика и современ израз.

Препознатлива по својата техничка брилијантност, стилска прецизност и силна интерпретативна индивидуалност, Ѓошевска со години ја гради својата репутација на домашната и меѓународната сцена.

Ѓошевска покрај богатата изведувачка активност на престижни фестивали и концертни подиуми низ Европа и светот е и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде активно придонесува во развојот на новите генерации пијанисти и музички уметници.

Поврзани вести