Skip to main content

Протест на албанските земјоделци против  „националната шема за земјоделство“

Фото: Freepik

Во организација на здружението „Производители на млеко“ земјоделци од повеќе делови на Албанија, протестираа денеска во Тирана, во знак на незадоволство од владината  „национална шема за земјоделство“. 

Протестот беше одржан пред Министерството за земјоделство и рурален развој, на кој земјоделците тврдеа дека Националната шема за поддршка на земјоделството за 2026 година не обезбедува поддршка за нив.

-Трошоците за земјоделски и сточарски производи се високи, бараме зголемување на поддршката и субвенциите. Како може, за разлика од другите соседни земји,   владата да донесе одлука за укинување на мерката за компензација на нафтата за земјоделците, рекоа организаторите.

Тие носеа транспаренти на кои пишуваше  „Не сакаме да емигрираме“, „Без земјоделци нема храна“, „Почит за домашното производство“, „Придонеси за здрава исхрана“.

Нивни претставници се сретнаа со министерот за финансии Петрит Малај и за земјоделство Андис Сала, кои ветиле „продолжување на поддршката за земјоделството за подобрување на квалитетот на нивните производи”.

Пред неколку дена албанската влада  ја усвои Националната шема за поддршка на земјоделството за 2026 година, чија цел, како што стои е „зајакнување на земјоделскиот сектор преку проширување на бројот на корисници и постепено усогласување со стандардите на Европската Унија (ЕУ)„.

Министерството за земјоделство и рурален развој пред тоа тврдеше  дека шемата е подготвена по широка консултација со земјоделците низ целата земја. 

Поврзани вести