Skip to main content

Мултимедијалниот проект за деца “Магичниот круг на детството “ на КАТ Продукција во Македонскиот КИЦ во Загреб

Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите, кои не се во Македонија, туку живеат во други држави е многу значаен културен елемент.

Ова е главното мото, под кое од 16 до 19-ти април во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб , ќе биде реализиран мултимедијалниот проект за деца “Магичниот круг на детството “ на КАТ Продукција. Проектот се реализира со поддршка на Министерството  за култура и туризам на РС Македонија.

Во рамки на проектот ќе бидат опфатени 40-тина ученици, кои учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб “Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставникот Деспина Белчовска Велинска.

Ќе бидат реализирани три креативни работилници, и тоа: драмска под водство на актерката и режисер Снежана Конеска Руси, работилница за илустрација на книги за деца под водство на дизајнерот и едукатор Елена Максимовска и работилница за креативно пишување под водство на м-р Татјана Гогоска, автор на проектот и автор на книгата „Магичниот круг на детството“, која ќе биде промовирана на завршниот настан на 19. април во Македонскиот  КИЦ  во Загреб,  во присуство на повеќе гости од разни сектори, и на кој  меѓу другите  ќе зборуваат, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка  го овозможи реализирањето на овој проект, како и авторката на книгата м-р Татјана Гогоска . Книгата  ќе ја промовираат децата учесници, во трите работилници, со свој перфоманс. Целиот настан ќе го води и модерира познатата актерка и режисер Снежана Коневска Руси.

Поврзани вести