
Новата композиција на Владо Калембер „Не плачи бејбе“ доаѓа како вистинско освежување на регионалната музичка сцена, носејќи ја онаа препознатлива емоција која со децении ја освојува публиката. Со топол вокал, носталгија, искрена интерпретација, препознатлива емоција и внимателно изградена музичка приказна – токму она што публиката со години го очекува од овој познат балкански шмекер. Овој пат, легендарниот вокал ја спои својата енергија со македонски музички тим и резултатот е песна што лесно влегува под кожа.
Музиката ја потпишува реномираниот и надалеку познат композитор Григор Копров, а аранжманот е дело на Владимир Дојчиновски – Дојчин. За текстот се погрижи Саша Драгишиќ, кој внесе едноставна, но силна приказна што секој може да ја почувствува на свој начин. Како што открива Копров, песната се родила сосема природно – во опуштена атмосфера, за време на заедничка средба. Калембер слушнал дел од композицијата и без многу размислување веднаш рекол „ова е тоа“. Следува брз договор, студио и снимање – и еве ја денес, „Не плачи бејбе“ подготвена да ја освои публиката.
Снимањето се одвивало во студиото на Копров, а според најавите, наскоро ќе пристигне и видео спот кој дополнително ќе ја заокружи приказната. Песната веќе од денес се врти по националните и регионални радиостаници ширум Македонија и Балканот.
Но, тука не завршуваат новостите. „Сребрени крилја“ заедно со Калембер ќе бидат дел од годинашното, 33-то издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“, кое ќе се одржи на 26 и 27 август. Овој фестивал традиционално собира големи имиња од регионот, а и оваа година ветува силна музичка програма.
Она што дополнително ја разгорува возбудата кај публиката е огромната желба и најава дека Владо Калембер и „Сребрени крилја“ размислуваат за голем бесплатен концерт на Античкиот театар во Охрид. Со искрена желба да ѝ подарат на македонската публика незаборавна летна вечер, ова би можел да биде настан исполнет со емоции, носталгија и безвременски хитови – токму на место кое само по себе носи и зрачи со посебна енергија и магија.
Ако сè се реализира како што е планирано, ова лето Охрид нема само да биде туристички центар – туку и сцена за емоции, музика и вистинска балканска енергија.

Македонски


