Skip to main content

Мицкоски: За бензините треба да имаме пониска цена од сегашната, а кај дизелот не би требало да има покачување

Freepik

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со владината одлука донесена вчера е овозможено Регулаторната комисија за енергетика да ги намали акцизите на горивата, и тоа за дизелот за четири денари по литар, а за бензините за два денари по литар. Дополнително, по разговори со раководствата на ОКТА и Hellenic Petroleum во Атина и Скопје, обезбеден е уште еден месец продолжување на мерката со намалување од три денари по литар за дизел и два денари за безоловниот бензин.

Според него, со комбинирање на овие мерки се очекува бензините да бидат поевтини од сегашните цени, додека кај дизелот не би требало да има поскапувања на дел од бензинските пумпи, и покрај, како што рече, предизвикувачката состојба на пазарот.

Премиерот посочи дека од аспект на снабдување состојбата е стабилна и дека има доволни количини гориво. Како што наведе, зголемена е дневната потрошувачка – од околу 1,5 милиони литри на приближно 2 милиони литри, при што се бележи дополнителен притисок на одредени погранични подрачја. Во таа насока, продолжена е и мерката за намален ДДВ од 18 на 10 проценти, со цел заштита на стандардот на граѓаните и компаниите.

Мицкоски додаде дека ќе продолжи внимателно следење на состојбата на меѓународните пазари, посочувајќи дека по отворањето на источните берзи е забележано постепено намалување на цените на нафтените деривати. Според него, ќе се анализира движењето на цените до крајот на денот и неделата, со цел да се утврдат следните корекции на цените на дизелот и безоловните бензини од 95 и 98 октани.

Поврзани вести