
Во динамичниот ритам на Загреб, каде културите се преплетуваат, а градот живее со космополитски дух, постои едно тивко, но моќно место што ја чува македонската душа будна. Црквата „Света Злата Мегленска“ не е само храм – таа е живо сведоштво за истрајноста на еден народ кој, и далеку од татковината, не се откажува од својот идентитет, јазик и вера. Тука, меѓу молитвите и светлината на кандилата, се спојуваат минатото и сегашноста, создавајќи мост што ги поврзува Македонците со нивните корени и со надежта за иднината.
Овој храм не е само место за богослужба – тој е духовен дом каде Македонците се собираат за големите верски празници, крштевки, заеднички чествувања и молитвено присуство.

Името на светицата Злата Мегленска, која стана небесна заштитничка на заедницата, симболизира истрајност, вера и надеж, врска со татковината што живее во срцата на верниците.
Историјата на македонската православна заедница во Загреб почнува по распадот на поранешната држава Југославија, кога група Македонци, водени од длабока вера и љубов кон татковината, стапуваат во контакт со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, барајќи благослов за духовно устројство.
Првиот претседател на заедницата, истакнатиот македонски композитор Тома Прошев, постави темели на духовниот живот, а во 1993 година беше отслужена првата света литургија на македонски јазик – настан што останува засекогаш запишан како духовен почеток за Македонците во Хрватска.
Во првите години богослужбите се одржувале повремено, најчесто за големите празници – Велигден, Божик и споменот на Света Злата Мегленска.

Вистински духовен и институционален пресврт се случува во 2003 година, кога се потпишува Договор од заеднички интерес помеѓу Владата на Република Хрватска и Македонската православна црква. Со овој чин, Црквата добива признание како рамноправна верска заедница, а верниот народ — сигурност и достоинство во своето исповедање на верата. Во тоа време бев поставен како прв редовен свештеник во Загреб, со што започна редовен литургиски живот, духовно надградување на темелите од колегите кои доаѓале и ревносно го сееле семето Господово и посилно заедништво меѓу верниците“, вели протојереј – ставрофор Кирко Велински за МИА.
Тој посочува дека сон на заедницата секогаш бил сопствен храм. По години на молитва, труд и надеж, како што вели Велински, во 2008 година беше купено земјиште, по што следуваа години на постапки за локациска и градежна дозвола. На 27 октомври 2014 година беше поставен и осветен камен-темелникот, како видлив знак на невидлива вера. Во 2023 година, храмот „Света Злата Мегленска“ беше свечено осветен – круна на децениската посветеност, вера и љубов на македонската заедница.
Денес, црквата „Света Злата Мегленска“ не е само место за богослужба, туку живо сведоштво на верата — духовно огниште каде човекот го среќава Бога, но и својот ближен. Таа е место на утеха, надеж и духовно обновување, каде се собира македонскиот народ во љубов и заедништво“, вели отец Велински.

Најголем број верници се собираат за време на големите празници — Велигден, Божик и денот на светата заштитничка, но и секоја недела, кога се служи Светата литургија. Тогаш, како што истакнува Велински, заедницата дише како едно тело, соединета во молитва. Празниците особено свечено се одбележуваат со архиерејски богослужби, предводени од надлежниот митрополит, г. Пимен, носејќи ја благодатта на Црквата и топлината на татковината.
Според отец Велински особено е впечатлива вклученоста на младите. Тие учат, пеат, се вклучуваат во организација на празници и културни настани, пренесувајќи ја духовноста и традицијата на новите генерации. Со секоја литургија, со секој празник и обичај, се потврдува дека верата и културниот идентитет не познаваат граници.
Македонската заедница во Загреб расте и го зацврстува својот идентитет
Македонската заедница во Загреб, иако бројчено мала, континуирано се развива и го зацврстува својот духовен и културен идентитет.

Според официјалните податоци, во хрватската престолнина живеат околу 1.100 Македонци, а нивниот број бележи раст.
Да се биде Македонец и православен верник во Хрватска денес значи да се носи верата во срцето, да се чува идентитетот со достоинство и да се живее во мир и љубов со сите луѓе“, истакнува протојереј – ставрофор Кирко Велински.
И покрај предизвиците што ги носи животот надвор од татковината, припадноста, верата и заедништвото остануваат клучни вредности за оваа заедница.
Со надеж во Бога и со заедничка посветеност, гледаме кон иднината со вера дека оваа заедница ќе продолжи да расте, да се зацврстува и да сведочи за вечните вредности на верата, љубовта и единството“, истакнува протојереј – ставрофор Кирко Велински.
Црквата „Света Злата Мегленска“ – современа црковна архитектура во урбан контекст
Црквата „Св. Злата Мегленска“ во Загреб претставува современ религиски објект внимателно вклопен во урбаната структура на Старата Кнежија долж Загребачка авенија. Проектот е дело на архитектите Зоран Бошевски, Борис Флолиќ, Жељко Голубиќ од архитектонското студио Studio BF.

Концептот на проектот се темели на создавање рамнотежа помеѓу традицијата и современиот израз. Објектот има јасна геометриска форма – квадратен волумен со цилиндричен свод, кој овозможува дифузно осветлување и интимна атмосфера во ентериерот. Пристапот е преку заштитен двор, што создава дистанца од градската врева и постепен премин кон духовниот простор.

Фасадата е изведена од бетон со нагласена текстура, инспирирана од традиционалната македонска архитектура, при што се истакнува улогата на човечкиот труд.
Со својата едноставна, но силно симболична композиција, црквата „Света Злата Мегленска“ претставува успешен пример за современа сакрална архитектура која ги почитува традицијата и контекстот, додека истовремено создава нов, автентичен простор за духовно искуство во современиот град.
Даниела Маркоска-Алексовска

Македонски


