
Студентската тематска изложба „Дисторзии“, која ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје, претставува обид за внимателно и критичко разгледување на системската дисторзија како општествен и институционален феномен што директно влијае врз обликувањето на младинската креативност и начинот на кој младите автори ја перцепираат сопствената позиција во општеството.
Изложбата ќе биде отворена за посетители од 7 до 19 април 2026 година, со официјално отворање на 7 април во 19:00 часот. Во овој период, публиката ќе има можност да се запознае со различни уметнички пристапи и размислувања што произлегуваат од актуелниот контекст во кој делуваат младите.
Во рамките на изложбата учествуваат студенти од Европски Универзитет, кои преку сликарство, инсталација, мултимедија и интердисциплинарни практики создаваат дела што не се само визуелни изрази, туку и обиди за разбирање и артикулација на состојбите што ја дефинираат нивната генерација. Нивните работи допираат до прашања како искривувањето на вредносните системи, нарушените перспективи, притисокот врз индивидуалниот израз, но и начините на кои младите се адаптираат или пружаат отпор во такви услови.
„Дисторзии“ не се поставува како директно активистички проект, туку како простор за аналитичко размислување, симболичка комуникација и формално експериментирање. Наместо едноставни пораки, изложбата нуди слоевити визуелни наративи, оставајќи простор публиката самостојно да ги интерпретира и преиспитува.
Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која учествува како селектор на авторите. Изборот на учесниците се базира на концептуална релевантност, визуелна издржаност, оригиналност и разновидност на медиумите, со цел да се изгради кохерентна и професионално поставена изложбена целина.
Со „Дисторзии“ се отвора простор за дијалог — не само за уметноста, туку и за пошироките општествени процеси што ја обликуваат. Во тој контекст, изложбата претставува и покана за размислување: како живееме, како создаваме и како се позиционираме во системи што често нè менуваат повеќе отколку што сме свесни.

Македонски


