Skip to main content

Мицкоски: Се создадоа услови за намалување на акцизите на горивата, утре седница на Владата

Freepik

Исполнети се условите за намалување на акцизите на горивата, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од Општина Илинден, најавувајќи дека утре во 11 часот ќе се одржи седница на Владата на која ќе се донесат мерки за заштита од поскапувањето на горивата.

Тој истакна дека се разгледува намалување на акцизите за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денара по литар.

„Берзата за нафтата се затвори во четвртокот поради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините од 1,5 до 2 денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека полека но сигурно истекува попустот што го дава Окта од 3 денари за дизелот, ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот и понатаму. Доколку го продолжат, ќе нема зголемување на дизелот од максималната цена што ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика. За бензините, тоа значи дека ќе поевтинат околу половина денар и доколку Окта го продолжи попустот од два денара за литар, тоа значи дека ќе имаме повторно намалување за 2,5 денари на цената на бензините“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека намалувањето на акцизата ќе има влијание врз Буџетот, односно ќе значи намалени приходи од десетици милиони евра, но нагласи дека има доволно средства благодарение на, како што рече, домаќинското работење.

Воедно најави дека за уште две недели ќе продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти, по што ќе се следи состојбата и ќе се реагира соодветно.

Поврзани вести