Skip to main content

Да ги направиме соништата реалност, а не реалноста сон, кажа академик Сашко Кедев на промоцијата на поштенската марка во негова чест

МИА

Во чест на академик Сашко Кедев, македонски кардиолог, доктор на медицински науки и алпинист. кој во 2025 година стана првиот Македонец кој ги искачил сите 14 врвоти повисоки од 8.000 метри денеска беше промовирана поштенска марка „Кедев – 14 највисоки врвови“ во издание на АД „Пошта“ – Скопје.

Автор на поштенската марка е Сара Манчевска. Издадена е во тираж од 6.000 примероци со номинална вредност од 36 денари.

Животот е всушност еден сон и сите сонуваме. Некои луѓе имаат мали соништа, некои имаат поголеми соништа. Многу е важно да продолжиме да сонуваме во животот и што е многу важно – да ги направиме соништата реалност, а не реалноста сон. И затоа викаат најопасни се луѓето коишто сонуваат со отворени очи, бидејќи си ги реализираат соништата, кажа денеска академик Кедев при заблагодарувањето за издавањето на поштенската мерка.

фото: МИА

Кедев искачувањето на седумте највисоки врвови на секој континент и 14-те врвови над 8.000 метри на светот го смета за национален успех, а не за личен. Неговата порака до младите е да не се плашат и никогаш да не се предаваат. Вели никој „никогаш не треба да се предава посебно пред болката и страдањето“ кои се најголемиот стимул за самореализација и наоѓање на оригиналното лице.

Јас тоа го доживувам како национален успех, не како личен успех. Искачувањето на седумте највисоки врвови на секој континент и 14-те врвови над 8.000 метри на светот, тоа е национален успех. Тоа е проектот Македонија на сите овие перспективи. Се надевам дека ќе биде инспирација на сите кои што се на некое патешествие во овој правец бидејќи се уште се соочуваме со предизвикот да го докажуваме нашиот национален идентитет и да го зачуваме нашиот национален идентитет што е многу важна работа – рече д-р Кедев на промоцијата.

Во животот, вели д-р Кедев, постојат два најважни моменти – едниот е кога доаѓаме на овој свет, и вториот момент е кога ќе го најдеме одговорот на прашањето зошто. Тоа, додаде д-р Кедев, обично се случува за време на нашиот животен пат од познатото кон непознатото, и од непознатото кон тоа што никогаш нема да го спознаеме.

И тука го наоѓаме своето оригинално лице, бидејќи во животот нашето лице е покриено со многу маски. Ние одиме низ животот и само ги тргаме маските и на крај остануваме со своето оригинално лице, а оригиналното лице го наоѓаме во моментот кога ќе ја најдеме вистината или т.н. прв принцип во животот, а тоа е всушност нешто што не може да се опише со зборови. Треба да се доживее. И сите порано или покасно доаѓаме во таа фаза кога ќе се најдеме себе си, ќе се запознаеме себе си, ќе го видиме оригиналното лице и ќе расчистиме со илузиите. Јас тоа чувство го имав на овие патешествија во зоната на смртта. Всушност тоа е моментот кога сфаќаме дека сите сме многу повеќе од нашето тело и нашиот ум. Секој од нас е многу повеќе од своето тело и својот ум, меѓутоа ние трчаме во животот и ја забораваме таа вистина што ја знаеме од детство – рече д-р Кедев.

Од детството, според него, ние имаме некое чувство на самопознавање кое со текот на времето го забораваме и затоа треба да се навратиме на детството.

Не случајно уште Исус кажал дека во моето кралство има место за тие кои повторно ќе станат деца. Тука е вистината и соочувањето со првиот принцип. Најважните учења во животот и знаења не ги постигнуваме преку организираниот образовен процес и на универзитетите, тоа го достигнуваме со лично искуство. Затоа е важно да се стремиме кон лично искуство кое што ги заменува зборовите, бидејќи со зборовите ние не можеме да го опишеме личното искуство. Можеме само да го доживееме. Животот е всушност еден сон и сите сонуваме. Некои луѓе имаат мали соништа, некои луѓе имаат поголеми соништа. Како и да е, многу е важно да продолжиме да сонуваме во животот и што е многу важно, да ги направиме соништата реалност, а не реалноста сон. Затоа викаат дека најопасни се луѓето со отворени очи бидејќи си ги реализираат соништата. Меѓутоа тоа се случува во моментот кога ќе го затвориме животниот круг, кога ќе сфатиме дека нема ниту раѓање, ниту смрт, туку само континуитет – рече д-р Кедев на промоцијата, додавајќи дека секој од нас има неверојатен потенцијал, јачина, меѓутоа проблемот настанува во тоа дека многу луѓе се плашат да ја реализираат својата сила, јачина и својата моќ и остануваат недоречени.

Директорот за поштенски операции и член на Управниот одбор, Бојан Кереместески истакна дека успесите не доаѓаат случајно и тие се резултат на посветеност и издржливост, порив да се направи невозможното, до врвот да се развиори македонското знаме.

Проф. д-р Сашко Кедев и директорот за поштенски операции и член на Управниот одбор, Бојан Кереместески / фото: МИА

Вие не инспириравте не само како медицински авторитет, алпинист, како човек и затоа е задоволство да се биде овде со вас кога ја промовираме поштенската марка „Кедев 14-те највисоки врвови“ која верувам дека ќе ги освои срцата не само на колекционерите на поштенските марки туку и на сите граѓани, бидејќи марките се нашиот амбасадор во светот. Тие ја претставуваат нашата култура, традиција и наши успеси на кои се гордееме – рече Кереместески, кој порача дека иако живееме во дигитално време, луѓето да пишуваат рачно писма на кои ќе стои поштенската марка „Кедев 14-те највисоки врвови“.

Во јули минатата година Сашко Кедев стана првиот Македонец и единствен во поширокиот регион, кој ги искачи сите 14 светски врва повисоки од 8.000 метри, откога успешно го освои Гашербрум I (8.080 метри) во Пакистан. За неговите исклучителни достигнувања во медицината и алпинизмот тој е и добитник на високото државно одликување Орден „8 Септември“.

Поврзани вести