Skip to main content

Сијарто: Европа се соочува со ризик од енергетска криза

Европа се соочува со ризик од енергетска криза, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, пренесе националната новинска агенција МТИ.

Тој предупреди дека укинувањето на унгарската шема за регулирани цени на енергијата би било „трагедија“ во сегашната ситуација. Сијарто денеска е на предизборна турнеја низ шест населени места во текот на кампањата пред парламентарните избори во Унгарија закажани за 12 април.

Според него, нема изгледи војната во Иран да заврши наскоро и таа влијае врз светските енергетски резерви. Тој посочи дека конфликтот засега околу 20 проценти од глобалната потрошувачка на нафта, а во последните недели цените во Европа значително се зголемиле – за околу 60 отсто кај гасот и 70 проценти кај нафтата.

Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека решението е зголемување на понудата на енергетски ресурси, но според него, европските пазари се ограничени бидејќи недостасуваат руски гас и нафта, како и испораки од арапските земји.

Бидејќи на европските пазари нема арапска или руска нафта, ниту руски гас, цените драстично растат – рече тој.

Предизборно, Сијарто ја критикуваше опозициската партија ТИСА, тврдејќи дека таа планира да го прекине користењето на руските енергетски ресурси. Тој смета дека тоа би довело и до укинување на регулираните цени на енергијата и горивата во земјата и тврди дека таквите мерки би можеле за трипати да ги зголемат трошоците за енергија на унгарските домаќинства.

Во документот објавен пред неколку дена, тие велат дека сакаат да ги отстранат руската нафта и гас, со што ќе ја укинат и шемата за цените на комуналните услуги и заштитените цени на моторните горива – изјави тој.(МИА)

Поврзани вести