Skip to main content

Николоски: Работиме на трите огромни проблеми за економијата – статусот на превозниците, квотите за челик и данокот за ЦО2

Во однос на превозниците, Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостување во „Топ тема“ на Тема, изјави дека превозниците се соочуваат со огромен двостран проблем меѓу Европската Унија, однопсно земјите од Шенген зоната и превозниците.

Европската Унија и земјите од Шенген зоната се во право дека правилото не се менува, затоа што постои ограничување од 90 дена престој во рамки на 180 дена, но од друга страна превозниците се во право дека 90 дена не се доволни за нив“, изјави Николоски.

Министерот објасни дека досега, заради несовршеност на системот и водењето книжна евиденција, постоела одредена толеранција, но со воведувањето на електронска евиденција тоа повеќе не се толерира.

Добро е што превозниците го кренаа гласот и како резултат на нивната реакција Европската комисија предвреме ја презентирала новата визна стратегија, во која е поставена основата за решение – да се признаат возачите како професионалци, без разлика дали станува збор за камиони или автобуси“, вели Николоски

Тој вели дека во првата фаза тоа е решението, а во втората фаза треба да се најде модел, при што е избран моделот со долгорочни визи.

Николоски посочи дека Швајцарија веќе издава вакви визи за македонски превозници. Тој додаде дека во Хрватска законот е во парламентот, Романија има подготвен нацрт-закон кој е во парламентот, а по изборите се очекува истото да се случи и во Унгарија. Од поважните држави остануваат Австрија и Германија, при што Германија е крајна дестинација.

Вицепремиерот истакна дека во вториот дел, во однос на Бугарија и Грција, имајќи предвид дека таму се работи за дневен транзит, се бара воопшто да нема визи, туку да се воведе систем за регистрација на професионални возачи за да можат да транзитираат во текот на денот.

Треба време за оваа работа и воведувањето на овој систем ќе се помести за македонските граѓани до 30 септември, односно тоа што требаше да се случи на 12 април се поместува“, вели Николоски.

Тој додаде дека до тогаш ќе остане книжната евиденција во Бугарија и Грција. Разговори се водени со претходниот министер во Бугарија, каде што во моментов има избори, како и со Грција, при што постои согласност.

Во однос на квотите за челик, Николоски изјави дека ова е огромен предизвик и дека постојат квоти за т.н. трети земји, во кои спаѓаат сите држави што не се членки на ЕУ, вклучително и Кина.

Вториот дел од проблемот е данокот за јаглероден диоксид, при што ќе се пресметува колку од увезените добра во ЕУ се произведени со „чиста“ или „нечиста“ енергија, а за делот со „нечиста“ енергија ќе се плаќа данок.

Николоски посочи дека Европската Унија доцни со правилата, кои треба да ги објави до септември, или евентуално да го одложи рокот.

Ова се три навистина огромни проблеми – превозниците, квотите за челик и данокот за јаглероден диоксид“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека ова е сериозен предизвик што ја погодува индустријата за челик и железо и дека сите што ја следат трговијата со електрична енергија веќе можат да видат дека цените на домашната берза се пониски.

Николоски изрази надеж дека ќе се најде решение за квотите и посочи дека се водат разговори, при што земјите од Западен Балкан треба да бидат изземени од третманот како трети земји, имајќи предвид дека регионот е веќе интегриран со ЕУ преку договори за слободна трговија, кандидатски статус и придружно членство.

Како крајна опција, Николоски не ја исклучи можноста за воведување реципрочни мерки, додавајќи дека тоа не би било добро за никого, бидејќи најголем дел од странските инвеститори во земјата произведуваат полупроизводи кои се извезуваат во ЕУ, каде што се доработуваат.

Поврзани вести