Skip to main content

32. Моден викенд Скопје

Втората вечер на 32. Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank ја помести сцената од писта кон систем, каде креативноста, економијата и културната дипломатија престануваат да бидат одвоени категории.

Денот започна со UNIBank Fin Talk, под модерација на Ирина Михајлова. Разговорот ја отвори темата за контролата како предуслов за избор. Луна Стефановска зборуваше за создавање вредност во дигиталниот простор и за моментот кога трудот почнува да се претвора во економија. Ема Станковиќ ја постави банката како партнер во тој процес, а не како дистанцирана институција, додека дизајнерот Ѓеоргиј Петрушев ја отвори реалноста на креативниот труд, каде идејата не е доволна без финансиска поддршка. Пораката беше едноставна, но прецизна: финансиската слобода не започнува со повеќе пари, туку со контрола над тие што ги имаш.

фото: Моден викенд Скопје / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Пистата потоа им припадна на студентите од насоката за моден дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет, кои јасно покажаа дека новата генерација не е нешто што допрва доаѓа — таа веќе активно создава. Во таа студентска искреност се препознава процесот низ експеримент, истражување, а понекогаш и свесно прифатена недовршеност. Токму таму лежи нејзината вредност: не во финалниот производ, туку во увидот во начинот на кој се обликува новиот авторски глас.

Во рамки на MISSION4WATER, во соработка со Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер, разговорот за микропластиката ја отвори темата што индустријата често ја заобиколува. Со учество на Наташа Сивевска – извршна директорка на TTA и проф. д-р Гордана Вренцоска од Европскиот универзитет Скопје, дискусијата го помести фокусот од симптомот кон системот: каде точно настанува проблемот, кои решенија веќе постојат и како дизајнот може да интервенира уште во својата почетна фаза.

фото: Моден викенд Скопје / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Со #MadeWithSweden Public Talk, реализиран во соработка со Bergstrand Consultancy, разговорот продолжи во меѓународен формат, поврзувајќи ја локалната сцена со нордискиот контекст преку онлајн вклучување. Овој сегмент, кој се одвиваше преку дигитална платформа, ја отвори темата за одржливост како системска пракса, а не како тренд ставајќи акцент на знаењето, иновациите и размената како клучни двигатели на промена. Форматот сам по себе испрати јасна порака: модната индустрија повеќе не функционира во географски рамки.

Кулминацијата дојде со јавен разговор и отворањето на изложбата „ЗЕЛЕНА И ОДРЖЛИВА МОДА: НОРДИСКО-БАЛТИЧКА ПРИКАЗНА“. Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија во Македонија, како и со амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија, во соработка со Македонското модно здружение и со поддршка од Нордискиот совет на министри.

фото: Моден викенд Скопје / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Под модерација на Ирина Михајлова, разговорот ги отвори прашањата за улогата на амбасадорите, значењето на нордиско-балтичката соработка надвор од регионот, како и потенцијалот за градење долгорочни партнерства со Западен Балкан.

Во вториот дел, менторката на резиденцијата, Ирина Тошева, ја пренасочи дискусијата од политичкиот контекст кон практичната примена. Дизајнерите Ане Шарлинг Тофт (Данска/Норвешка), Ана Рингстад (Норвешка), Јустина Семченкаите (Литванија), Тува Самуелсон (Шведска), Мико Пелтонен и Билел Сехли – HÄN (Финска), заедно со македонските автори Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска, говореа за одржливоста не само како концепт, туку и како конкретен метод на работа.

Изложбата што следеше не беше само продолжение на разговорот — таа беше негов резултат. Поставена како заокружена визуелна и концептуална целина, ги претстави исходите од резиденцијалната програма преку објекти што го носат процесот, а не само формата.

Во делата на нордиско-балтичките и македонските дизајнери се чувствуваше разликата во пристапите, но и заедничката точка: намалување, прецизност и свесност за ресурсите.
И кога конечно дојде ред на ревиите, тие не делуваа како центар. Делуваа како логично финале на 32 издание на Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank.

Терзија, со поддршка на ZIA Jewelry и Душа Винарија, се претстави со прецизната и дисциплинирана колекција „Вртлог“, која несомнено ќе остане забележана. Во нејзиниот израз, формата е строго контролирана, а движењето внимателно дозирано — како суптилна студија за балансот меѓу структурата и сензуалноста. Накитот не беше само додаток, туку природно продолжение на наративот: фин, но промислен акцент што ја заокружува целината.

фото: Моден викенд Скопје / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Во рамки на 11th MetFashion Day – Past2Future Fashion, Милица Ѓуриќ, Лана Михајловиќ, Јана Станишиќ, Лена Матиќ и Андреа Булајиќ ги претставија своите колекции како дел од платформа што не продуцира трендови, туку автори. Секој од нив со сопствен визуелен код, но обединети во идејата дека новата генерација не треба да имитира за да биде релевантна. Курирана од Милица Слијепчевиќ и Лидија Јовановиќ, оваа ревија функционираше како пресек на регионална енергија што веќе има јасна насока. Присуството на Fashion Weekend Skopje како дел од жирито и сцената ја претвора оваа соработка во нешто повеќе од гостување.

Со GEORGIYA „Season IV“, вечерта влезе во поинтимен ритам. Колекцијата се движеше низ чисти, издолжени линии и внимателно редуцирана палета, каде што секој елемент има своја функција.
Финалето му припадна на Роберт Ивановски, со поддршка на Винарија Душа, кој ја затвори вечерта со колекција што носи авторитет без да инсистира на него. Силуетите се понагласени, формите посигурни, а целината изведена со конзистентност што ретко се гледа без компромис.

фото: Моден викенд Скопје / Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски

Поврзани вести