
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој престојува во дводневна работна посета на Република Турција, вчера во Анкара оствари билатерална средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој.
На средбата, на која присуствуваа и националниот координатор за туризам Акан Махмут и амбасадорот Јован Манасиевски, двајцата министри ги потврдија традиционално добрите културни врски меѓу двете земји, како и заедничките заложби за нивно понатамошно унапредување, особено во насока на стабилен и просперитетен регион.
Љутков и Ерсој ја нагласија подготвеноста за продлабочување на соработката во областа на културата и туризмот преку реализација на заеднички проекти, вклучително и дигитализација на културното наследство, развој на креативните индустрии, копродукции, како и унапредување на културниот туризам.
Министрите разговараа за конкретни чекори за зголемување на бројот на турски туристи во Македонија, како и за можностите за привлекување инвеститори од Турција за развој на туристичката инфраструктура.
Соговорниците се договорија во периодот што следува да работат на конкретни заеднички проекти, со цел дополнително зацврстување на пријателството и партнерството меѓу двете земји.
На крајот од средбата, Љутков упати отворена покана до својот колега, министерот Ерсој, наскоро да ја посети Македонија.

Македонски



