Skip to main content

Мицкоски: Македонските институции реагираа подобро во Кочани отколку швајцарските во Кран Монтана

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека институциите во Македонија реагирале ефикасно по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, оценувајќи дека од аспект на системска реакција државата постапила подобро отколку во сличен настан што се случил во Кран Монтана во Швајцарија.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека не сака да прави споредби меѓу трагедии, но сепак се осврна на реакцијата на институциите.

„Кога правите споредба на лоши настани, делувате некрофилски и јас не сакам да делувам така, но ќе дадам целосен одговор на вашето прашање“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека, според анализите што ги направила Владата, системската реакција во Македонија била на повисоко ниво во споредба со случајот во Швајцарија.

„Ако се спореди тоа што ние како Влада го направивме со она што се случи во Кран Монтана во Швајцарија, можам да кажам дека неколкукратно подобро се споредува – во сите параметри и во сите споредби“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека, и покрај институционалната реакција, трагедијата не може да се поправи, бидејќи изгубените животи не можат да се вратат.

„За жал, не постои начин да ги вратиме тие кои повеќе не се со нас. Но од аспект на системска реакција, кога ќе го споредиме тој настан со оној во дискотеката во Кран Монтана, македонскиот систем и институциите реагираа подобро од системот и институциите во Швајцарија“, изјави Мицкоски.

Поврзани вести