Skip to main content

„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот, велат од Театарот за деца и млади пред петочната премиера

Република

„Садако сака да живее“ во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ премиерно ќе биде прикажана во Театарот за деца и младинци – Скопје на 13 март, петок, во 19 часот. Претставата е работена според мотивите од истоимениот роман на Карл Брукнер и е наменета за публика над 11 години.

Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима кое, по трагичните последици од атомската бомба, стана светски симбол на мирот, надежта и волјата за живот. Низ емотивна приказна, претставата го истражува сеќавањето на едно девојче кое, и покрај тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, во љубовта и во надежта.

фото: Театар за деца и младинци

„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот – за радоста, упорноста и човечката сила што се спротивставува на темнината. Инспирирана од вистински настани, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни и претставува силно потсетување на значењето на мирот и човечката солидарност, вели тимот кој ја работеше претставата.

​Режисерката Кучиновиќ на денешната прес-конфренција кажа дека во моментот кога се случуваат секакви нешта во светот, исклучително е важно да се занимаваме со теми кои на некој начин проговоруваат за воени ужаси.

Се одлучив за овој роман исклучиво од тие причини. ​Романот, всушност, е на некој начин и пресликување на животот на Садако Сасаки. Романот зборува за нејзиниот живот, последиците од зрачењето, односно гама-зраците и за нејзиниот крај. ​Но, претставата проговорува за тоа на поинаков начин, проговорува за нешто што е поважно, а тоа е нејзината желба за живот, нејзината борба против сето тоа и нејзиниот успех да пронајде среќа дури и во моментите кога тоа е речиси невозможно. Мислам дека ова е исклучително важна претстава бидејќи зборува во име на сите оние кои некогаш некаде страдале во која било војна. Не е важно која војна, не е важно од чија страна, туку првенствено од визурата на некое дете кое само сакало да живее“, рече Кучиновиќ..

Актерите и дел од екипата кои присустуваа на денешната прес-конфренција многу емотивно говореа за своите ликови, ја потенцираа соработката со режисерката и кажаа дека оваа претстава не е само младинска, за деца над 11 години, туку дека треба да дојдат да ја видат и возрасни.

Би сакала да дојде онаа постара генерација која направи светот да живее вака каков што е. Садако е само едно девојче, ама Садако може да бидат милион дечиња моментално во светот кои сакаат да живеат, ама, за жал, не можат“, рече Ласовска, која ја игра Садако.

фото: Театар за деца и младинци

Во претставата играат: Анастасија Ласовска, Никола Наковски, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Изабела Новотни и Марија Ѓорѓијовска.

Креативниот тим го сочинуваат: Тамара Кучиновиќ (режија, драматизација и дизајн на светло), Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ (музика), Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург), Ѓуро Дракулоски (инспициент), Љубица Велкова (изработка на костими), Влатко Стефановски (мајстор на тон) и Мартин Митровски (мајстор на светло).

Поврзани вести