Skip to main content

Публиката уживаше во Осмомартовскиот концерт на „Охридско лето“

Со свечен концерт на класична гитара, синоќа  во црквата „Света Софија“ во Охрид беше одбележан 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Настанот беше организиран од НУ „Охридско лето“, а пред бројната публика настапи охридскиот гитарист Дејан Милевски.

Концертот е дел од оф-програмата на фестивалот со која на охридската публика и се овозможува да ужива во класичната музика и надвор од летните фестивалски месеци.

„Вечерва на програмата го имаме македонскиот гитарист Дејан Милевски, кој за првпат настапува во Охрид во рамките на фестивалот ‘Охридско лето’. Особено ми е драго што станува збор за охриѓанец кој работи и живее во Австрија и кој со својата уметност успешно ја претставува македонската музичка сцена“, вели Ѓорѓи Цуцковски, директор на НУ „Охридско лето“

Публиката во „Света Софија“ имаше можност да ужива во внимателно избрана програма која понуди вистинско музичко патување низ различни стилови – од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит.

„Посебна чест ми е после 15 години повторно да настапам во прекрасната ‘Света Софија’, која има одлична акустика за класична гитара. За оваа пригода подготвив програма со дела од различни музички стилови – од барокна и романтична музика до шпански композиции кои одлично одговараат на карактерот на инструментот“, вели Дејан Милевски, гитарист

Директорот на НУ „Охридско лето“ посочи дека институцијата веќе активно се подготвува и за новото фестивалско издание.

„Официјалната програма за фестивалот ‘Охридско лето’ веќе е подготвена, а јавноста ќе има можност да ја види на прес-конференцијата што ќе се одржи на 23 април. Подготовките се сериозни и нашата амбиција е и оваа година фестивалот да го подигнеме на уште повисоко ниво.“

Гитаристот Дејан Милевски истакна дека програмата за концертот е внимателно избрана за просторот и акустиката на црквата „Света Софија“.

„Програмата вклучува дела од повеќе музички традиции. Покрај барокни и романтични композиции, има и дела од шпанската гитарска литература, како и познатата ‘Серенада Еспањола’, кои создаваат посебна атмосфера и се многу блиски до карактерот на класичната гитара“, вели Милески.

Дејан Милевски е роден во Охрид, а своето музичко образование го започнал во државното музичко училиште во родниот град. Додипломските и магистерските студии ги завршил на Факултетот за музика и танц во Келн, Германија, со највисоки оценки.

Милевски има настапувано на бројни концерти и фестивали во Македонија и во странство, а од 2022 година работи како професор по гитара во музичкото училиште  во Грац, Австрија.

извор:Охриднет

Поврзани вести