Skip to main content

„Матица“ ја заокружува иницијативата „Подари книга, подари свет“ со голема донација за Македонците во Албанија

Со голема донација од книги за Македонците во Албанија, издавачката куќа „Матица македонска“ ја заокружи иницијативата „Подари книга, подари свет“ по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги и во рамките на чествувањето на 35-годишнината од нејзиното основање.

Клучни книги за македонската историја, студии за македонскиот јазик, избрани дела од дел од најзначајните македонски поети и прозаисти, дела од и за македонската книжевна историја, монографски изданија за македонската култура и антологии се само дел од донацијата на „Матица македонска“ за Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Друштвото е формирано во 2009 година со цел да се заштити македонското национално малцинство во Република Албанија и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас во Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Донацијата од „Матица македонска“ е најголемиот и највреден дар од книги на македонски јазик што досега е даден за Македонците во Албанија, соопшти „Матица“.

Издавачката куќа информира дека Македонско друштво „Илинден“ – Тирана упатува искрена благодарност за вредната донација со македонска литература.

Оваа значајна иницијатива претставува силна поддршка и дополнителен поттик за зачувување, негување и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитет меѓу Македонците во Република Албанија. Со вакви дела на солидарност и соработка се зацврстуваат културните врски и се создаваат нови можности за понатамошна поддршка и заеднички активности. Гестот и заложбата на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, Македонците од Албанија, вклучително и младите генерации да имаат можност да читаат и да се едуцираат на македонски јазик од вредни дела, притоа осознавајќи многу за македонскиот идентитет, е од суштинско значење за нас и за остварување на нашата цел, истакнува претседателот на Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, Никола Ѓурѓај.

Во соопштението е наведено дека донацијата од „Матица македонска“ содржи изданија што ќе можат да ги опфатат сите предели каде што живее македонското национално малцинство во Албанија и каде што Македонкото друштво „Илинден“ има активности, вклучително и преку органокот во Голо Брдо.

Во текот на изминатите недели, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ донираше книги и за Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција, за училиште во Света Недела, Хрватска, каде што се изучува македонскиот јазик, како и за Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филолозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана

Поврзани вести