Skip to main content

Андоновски: Порталот за услуги е најкористената дигитална алатка во државата

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вечерва во гостувањето во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма истакна дека Порталот за услуги бележи рекордни резултати и станува централна точка за електронските услуги за граѓаните.

Според податоците за 2025 година, Порталот за услуги оствари:

290% раст на издадени услуги, и 166% раст на корисници, што, како што нагласи министерот, е јасен показател дека граѓаните го препознаваат, го прифаќаат и се повеќе го користат Порталот како најпрактична дигитална алатка во секојдневието.

Со 290% раст на издадени услуги и 166% раст на корисници во 2025, Порталот за услуги е најкористената дигитална алатка во државата, претставува средиште на електронските услуги кои што се нудат за граѓаните. Јас сум многу задоволен како граѓаните го препознаваат и како го користат, успешноста ја мериме на тој начин – преку бројки – изјави министерот Андоновски.

Тој додаде дека денес Порталот е динамична платформа која генерира 3 до 4 нови услуги месечно, а токму услугите што се додаваат се меѓу најкористените од граѓаните.

„Ако имавме еден портал кој што беше не препознатлив и кој што луѓето не сакаа да го користат, денеска имаме портал кој што ѓенерира три до четири нови услуги месечно, а кои граѓаните најмногу ги користат.“, додаде Андоновски.

Во разговорот, министерот се осврна и на предизвиците со кои се соочува дигиталната трансформација во дел од институциите, посочувајќи дека во системот има определени институции кои процесите ги водат со значителна динамика, но и институции кои имаат „страв“ или немање воспоставен процес на дигитализација, бидејќи дигиталната услуга, на крајот, мора да произлезе од внатрешните системи на самата институција.

„Дигитализацијата не е процес на една Влада или на едно Министерство. Ова треба да биде процес на секоја институција – и на законодавна и на извршна и на судска власт. Дигитализацијата веќе не смее да се сфаќа како нешто што е убаво да се има, туку како нешто што е задолжително да се има“, истакна Андоновски.

Во своето гостување министерот говореше и за иницијативата „Роаминг како дома“ кој треба да стане достапна за македонските граѓани во земјите членки на Европската Унија, како и на законот за медиуми.

Поврзани вести