Skip to main content

Фејсбук и Инстаграм ќе претрпат драстични промени, еве за што се работи

„Мета“, компанијата што е сопственик на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, најави дека драстично ќе ги промени правилата за прегледување на содржината на овие две социјални мрежи.

Накратко, социјалните мрежи се ослободуваат од проверувачите на факти (тимовите што ги проверуваа фактите) и тие ќе бидат заменети со таканаречени „белешки на заедницата“, генерирани од корисници. Овој систем се користи на „Твитер“.

Така, најавените промени значително ќе го променат и начинот на модерирање на објавите, видеата и другите содржини на „Фејсбук“ и „Инстаграм“.

Промените беа објавени непосредно пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Трамп и другите републиканци ги критикуваа Закерберг и „Мета“ за она што тие го гледаат како десничарска цензура.

– Проверувачите на факти беа политички пристрасни и ја уништија довербата наместо да ја создадат – изјави Закерберг и додаде дека сега на платформата ќе се појави повеќе штетна содржина како резултат на промените во модерирањето на содржината.

Џоел Каплан, шеф за глобални прашања на „Мета“, неодамна изјави дека партнерството на „Мета“ со проверувачите на факти било добронамерно на самиот почеток, но едноставно имало премногу политичка пристрасност во целиот процес.

Најавата доаѓа во време на поширока идеолошка промена надесно, и со тоа се смета дека Закерберг се обидува да ги подобри односите со Трамп пред да ја преземе функцијата.

Значителен пресврт

Промените на модерирањето на содржините означуваат зачудувачки пресврт во начинот на кој „Мета“ се справува со лажните и погрешните тврдења на платформата.

Во 2016 година компанијата започна независна програма за проверка на фактите, по тврдењата дека не успеала да ги спречи луѓето да ги користат нејзините платформи за да шират дезинформации и да сеат раздор меѓу Американците. Во годините потоа продолжи да се бори со ширењето контроверзни содржини на својата платформа, како што се дезинформации за избори, приказни против вакцините, насилство и говор на омраза.

Иако партнерите на „Мета“ за проверка на фактите постојано велеа дека ги проверувале тврдењата и од десницата и од левицата, поддржувачите на Трамп и другите конзервативци долго време тврдат дека системот им го ограничил гласот.

Но сега Закерберг ги следи стапките на Маск, кој откако го купи „Твитер“ во 2022 година, ги растури тимовите за проверка на факти и направи „белешки на заедниците“, што е единствениот метод на оваа платформа за коригирање на лажните тврдења

Поврзани вести