Skip to main content

Трудница добила отказ, од стрес прокрварела – Комисијата констатираше дискриминација

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека вработена жена била дискриминирана врз основа на пол, род и бременост. Странци ликвидирале фирма за сметководство и веднаш отвориле нова, во која ги презеле работниците од првата фирма. Меѓу работниците што биле преземени, единствената што извисила била бремената вработена на која претходно, само два месеци откако дознале дека е бремена управителите ѝпонудиле спогодбено да го раскине работниот однос. Откако таа одбила, неколку дена пред породувањето, во деветтиот месец од бременоста го раскинале договорот за вработување оставајќи ја растрчана, наместо да се подготвува за в болница, да наоѓа некоја друга фирма да ја пријави за да не остане без породилното.

Според пријавата до Комисијата од жената, откако содружниците во претпријатието дознале дека таа е во блажена состојба, преземале низа дејствија со намери да ја дискриминираат по основ на бременост и да ѝ ги повредат правата од работен однос. Работодавачот, пишува во претставката, усно ѝ понудил престанок на работниот однос во истиот момент кога дознал дека е бремена на крајот на октомври 2024 година, а од стресот таа прокрварила и морала да остане на патолошка бременост поради заканувачки абортус.

Именуваните како што се наведува, биле странски државјани, а со подносителката добро се познавале бидејќи таа била вработнеа во нивна фирма во странство. Како задоволни од нејзината работа, истата ги мотивирала да дојдат во Македонија и да основаат фирма што и го сториле во 2023 година. Во оваа фирма вработена била и подносителката. Во септември 2024 година  сопствениците и законските застапници на друштвото дознале дека подносителката е бремена, по што според неа, ѝ понудиле да потпише спогодбен отказ.

Бидејќи таа одбила да го стори тоа, притисокот врз неа станал се поголем и неподнослив, па од тие причини во септември и октомври 2024 година, таа се здобила со компликации во раната бременост под закана од абортус, по што останала на боледување за да го зачува плодот, стои во претставката до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. 

Во меѓувреме газдите формирале нова фирма, за старата почнат бил процес на ликвидација, ги презеле сите вработени од првата во втората фирма, освен жената што била трудна, на патолошка бременост.

Во претставката се наведува дека за целиот период од ноември 2024 до мај 2025 година, иако во тој период платата и придонесите за подносителката се на товар на Фондот за здравствено осигурување, таа трпела огромни притисоци и закани од страна на пријавените да ѝ се прекине работниот однос доброволно.

Како што навела таа, не ѝ се издавала ниту потврда дека е во редовен работен однос, и во 33 гестациска недела од бременоста била одјавена од задолжителното социјално осигурување и покрај дописот што им го доставила на директорите дека на таков начин ќе ѝ се причини штета.

Подносителката сметала дека е дискриминирана врз основа на бременост, раѓање и родителство, од причини што не била привилегирана како останатите вработени да биде префрлена во новооснованата фирма од истите основачи, туку напротив во состојба на бременост била под закана да го изгуби правото на породилно отсуство додека основачите и управителите не би претрпеле никаква штета да ја префрлат во новооснованата фирма. Овластените лица ја одјавиле од задолжителното социјално осигурување во деветтиот месец од бременоста.

Од фирмата на Комисијата за спречување дискриминација ѝ одговориле дека на сите вработени истовремено им било кажано дека ќе има ликвидација и на сите заедно им бил понуден спогодбен прекин на работниот однос. Според нив, сите вработени од првата фирма биле еднакво третирани, без разлика на нивниот семеен, социјален или друг статус.

Потенцирале дека нема законска пречка да се основаат повеќе правни лица, ниту пак постои обврска истите да го задржат постоечкиот состав на вработени. Напротив, според нив секој работодавач има дискреционо право самостојно да одлучи со кои лица ќе воспостави работен однос врз основа на реалните деловни потреби, квалификациите и критериумите што самите тие ги утврдуваат.

Подносителката според нив, имала доволно време да разгледа опции и да се подготви за начинот на кој во иднина ќе ги остварува своите права во основ на бременост, раѓање и родителство.

Во однос на наводите дека поради наводен стрес предизвикан од работодавачот подносителката доживеала сериозни психофизички последици кои резултоирале со предвремено породување, не постои докажана и неспорна причинско-последична врска меѓу постапките на работодавачот и здравствната сосојба на подносителката. Стресот е субјективна категорија и не може да се заклучи објективно дека е резултат на дејствијата на работодавачот. Наводите за дискриминациј се во целост неосновани, постапувањето е во согласност со позитивните правни прописи, одговориле од фирмата.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во мислењето констатира дека веројатни се тврдењата на подносителката дека врз неа сторена дискриминација врз основа на бременост. Дека различно била третирана бремената жена, според комисијата произлегува од тоа што само таа не е преземена во новата фирма а сите други вработени се.

Направена е повреда и на достоинството на подносителката, на начин што е третирана како лице со помала вредност од другите лица вработени кај работодавачот, а достоинството на личноста е во центарот на еднаквото уживање и остварување на човековите права и слободи, наведоа од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во своето мислење објавено на нивната веб-страница.

Додаваат дека одлуката на работодавачот по ликвидирањето на првата фирма, да не ѝ понуди вработување во новата фирма само на оваа жена, не требало да биде предодредена единствено на фактот што таа била бремена.

Комисијата на работодавачот му препорача да ѝ се извини на работничката за сторената дискриминација во рок од 30 дена и спогодбено да ѝ ја надоместат штетата, а во спротивно ќе им биде поднесена прекршочна постапка пред надлежниот суд.