Skip to main content

Инфлацијата во еврозоната порасна за 2,4% ќе ги намали ли каматите Европската централна банка?

Годишната стапка на инфлација во еврозоната, мерена со хармонизираниот ценовен индекс (HICP) во декември изнесува 2,4%, покажуваат прелиминарните пресметки на Евростат.

Инфлацијата во еврозоната бележи раст трет месец по ред. Трендот на раст на цените почна во октомври, кога цените пораснаа за 2,0%. Во ноември растот се забрза на 2,2%, покажуваат ревидираните податоци.

Во декември поскапеа услугите чии цени се зголемија за 4,0%, нешто повеќе од претходниот месец. Свежата храна е поскапа за 1,7% во однос на претходната година, но со значително поблаг раст од ноември.

Цените на енергенсите благо пораснале во декември, за 0,1% во однос на истиот месец од 2023 година. Во ноември тие се намалени за 2,0%, во октомври за 4,6%.

Ако се исклучат енергијата и свежата храна, основните цени во еврозоната во декември биле за 2,8% повисоки во однос на истиот период од претходната година, покажува пресметката на Евростат. Тоа значи дека основната стапка на инфлација е само благо зголемена во однос на ноември.

Највисок годишен раст на цените е забележан во Хрватска, каде што потрошувачките цени мерени со ХИЦП пораснале за 4,5%. Блиску до Хрватска во однос на растот на цените во декември е Белгија, со годишен раст од 4,4% и Естонија од 4,0%.

Убедливо најблаг раст на цените во еврозоната е забележан во Ирска, каде што цените пораснаа за 1,0% на крајот на минатата година. Следуваат Италија и Луксембург со раст од 1,4 односно 1,6%.

Се очекува Европската централна банка да ги намали каматните стапки на следниот состанок за монетарната политика на 30 јануари, но податоците за инфлацијата ќе влијаат на чекорите кои ќе ги преземе во однос на каматните стапки.

Очекуваме ЕЦБ да ги намали стапките само еднаш во првата половина од оваа година, со дополнителни намалувања концентрирани во втората половина на 2025 година – вели Чарли Корнс, виш економист во британскиот Центар за економски и деловни истражувања.

Поврзани вести