
Јужниот Остров на Нов Зеланд е погоден од обилни дождови, кои предизвикаа поплави, затворање патишта и мостови, а силната бура, која претходно предизвика пустош во Велингтон, се помести на југ, соопшти Бирото за метеорологија.
Како што е наведено, институцијата предупредила дека системот со низок притисок покрај источниот брег може да донесе понатамошни обилни дождови, брзо зголемување на нивото на реките и потоците, лизгање на земјиштето, како и големи бранови и опасни услови на морето.
Локална вонредна состојба е прогласена на полуостровот Бенкс во близина на Крајстчерч, вториот по големина град на Јужниот Остров, поради поплави, соборени дрвја и лизгање на земјиштето, што ги наруши комуникациите и снабдувањето со електрична енергија.
Бурата претходно предизвика проблеми на Северниот Остров, каде што беа откажани летови, главните автопати беа затворени, а десетици илјади луѓе останаа без електрична енергија. Метеоролозите предупредуваат дека бурата нема да стивне до вечер и дека жителите треба да бидат внимателни поради ризикот од натамошни поплави и лизгање на земјиштето.

Македонски



