
Во хрватскиот град Света Недела, во близина на Самобор, свечено беше одбележан почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура. Иницијативата е на професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која овој предмет веќе го предава во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.
– Со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ, како и со помош од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска, дојде до реализација и почеток на програмата. Присутните на почетокот на наставата сведочеа за детски насмевки и исполнети желби на најмладите, кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекуваа овој ден. Самата желба е произлезена од синовите на професорката Брезовец и пријателите што ги имаат во нивното училиште, што е доказ дека во обичните животи на Македонците во дијаспората може да се случат убави и важни настани – соопшти Иван Антоновски, профсор од Филолошкиот факултет на УКИМ.
На работен состанок, кој се одржал минатата недела во училиштето во Света Недела, присуствувале и амбасадорот во Хрватска, Драган Ѓурчевски, советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, и началникот на Секторот за малцинства при Министерското за наука, образование и млади на Република Хрватска, Милан Вукелиќ.
– Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Звонимир Маркиќ, кој со голема радост ја прифати идејата од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик-градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста, Ања Блажина-Болјевиќ. Вукелиќ на состанокот нагласи дека Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска континуирано го поддржува образованието на јазикот и писмото на националните малцинства бидејќи е начин на кој се создава инспиративна средина, каде што слободно учиме едни за други и едни од други – информира Антоновски.
Предметот Македонски јазик и култура во Хрватска го учат 108 ученици во осум основни училишта во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, како и други ученици, изборен е и се внесува во свидетелствата на учениците.
– Со ова Република Хрватска се вбројува меѓу ретките земји што овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, кои се признати и во Уставот – се наведува во соопштението.

Македонски



