Skip to main content

Безвременската оперска класика: „Травијата“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари

Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Инспирирана од романот Дамата со камелии, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.

Поврзани вести