
Македонската Олимписка делегација е подготвена за нови спортски докажувања на меѓународна сцена. Четири натпреварувачи, шест официјални лица (тренери и доктор), предводени од Цветанка Макаровски како Шеф на делегацијата, денеска во попладневните часови пристигна во Милано.
Церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во Милано Кортина ќе се одржи на Олимпискиот стадион „Сан Сиро“ во Милано во петок, 6 февруари, со истовремени церемонии и паради на спортисти што ќе се одржат низ северна Италија на олимписките објекти во Предацо, Ливињо и Кортина д’Ампецо. Ќе започне од 20.00 часот по локално време.
Македонските знаменосци на овие Олимписки игри ќе бидат Јана Атанасовска во Кортина и Ставре Јада во Предацо.
Македонскиот олимписки тим кој ќе настапи во Италија е составен од врвни спортисти кои се најдобри во своите дисциплини: Јана Атанасовска, нашата најмлада натпреварувачка и рекордерка во алпско скијање, ќе се натпреварува во слалом и велеслалом. Виктор Петков ќе настапи во алпските дисциплини велеслалом и слалом. Ставре Јада, како најискусен член на својата трета Олимпијада, ќе се бори во нордиските трки спринт и 10 км интервал старт, додека Ана Цветановска, по својот настап во Пекинг, ќе ја претставува Македонија исто така во нордиските дисциплини спринт и 10 км интервал старт.

Македонски



