Skip to main content

Епидемијата на мали сипаници во САД е надвор од контрола

Бројот на случаи на мали сипаници продолжува да расте во Соединетите Американски Држави, особено во југоисточната држава Јужна Каролина, каде што од есента се потврдени повеќе од 600, соопштија локалните власти.

Со зголемувањето на двоумењето за вакцинација, сериозната и многу заразна болест се враќа во загрижувачки размери во развиените земји, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, кои сега се соочуваат со најлошата епидемија во последните 30 години, пренесува АФП.

По повеќе од 2.200 случаи за три месеци во 2025 година, инфекциите продолжуваат да се множат во 2026 година.

Дел од вината за неочекуваната здравствена криза се префрла на секретарот за здравство на Доналд Трамп, скептикот за вакцини, Роберт Кенеди Џуниор, бидејќи е обвинет за поттикнување стравувања за вакцинација.

Во Јужна Каролина, на Источниот брег, од петокот се регистрирани 88 нови случаи, соопштија вчера локалните здравствени власти, со што бројот на инфекции откако беше откриена епидемија на есен се зголеми на 646.

Поголемиот дел од заразените лица биле невакцинирани, соопштија властите. Во некои случаи, станува збор за ученици и млади студенти на два универзитета.

Случаи се пријавени и во осум други американски држави од почетокот на 2026 година, според американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), главната федерална здравствена агенција.

Ситуацијата предизвикува загриженост дека САД би можеле да го изгубат статусот на земја без мали сипаници, што го постигнаа во 2000 година откако ја елиминираа болеста благодарение на вакцинацијата.

Панамериканската здравствена организација (PAHO) минатата недела објави дека статусот на Соединетите Американски Држави и Мексико – каде што исто така има повторна појава на болеста – ќе биде повторно оценет во април. Таа веќе го повлече овој статус од Канада во ноември, каде што беа регистрирани повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници во 2025 година.

Малите сипаници предизвикуваат висока температура, респираторна инфекција и осип на кожата по целото тело; сепак, во некои случаи може да се појават компликации како што се пневмонија и акутен енцефалитис, со многу сериозни последици, дури и смрт.

Поврзани вести