Skip to main content

Трка на Дедо Мразовци во недела – Да видиме кој ќе е најбрз

Десетици Дедомразовци од најразлични возрасти, в недела, 28 декември, ќе се соберат на плоштадот „Македонија“ за точно напладне да се вклучат во традиционалната трка, која во Скопје се организира секоја година непосредно пред Нова година.

Организаторите од „Прв до врв“ информираа дека пријавувањето веќе е завршено. Секој од учесниците в недела ќе добие дедомразовски костум, а сите деца до 10 години ќе добијат пакетчиња. За најбрзите се предвидени специјални награди, а ќе има и новогодишна лотарија за сите учесници.

Дедомразовската трка е наменета за сите возрасти, пријавени биле и „мразулчиња“ помали од една година, додека  највозрасниот пријавен Дедо Мраз има 73 години!

Стартот и целта се на плоштад „Македонија“, а патеката е долга околу 2 километри низ центарот на градот, која може да се помине со трчање или со одење. По стартот од плоштадот рутата води по кејот покрај ГТЦ , преку мостот „Слобода“ на булевар Филип Втори, па на спротивната страна на кејот од МНР кон Камениот Мост и назад до целта на плоштадот.

Поврзани вести