
Грчките земјоделци, привремено, поради Божиќ ги отворија сите блокади низ целата земја, со што сообраќајот на автопатиштата се одвива непречено, но сепак тракторите остануваат паркирани на крајните коловозни ленти на низа локации во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Земјоделците, кои на 30 ноември ги започнаа протестите во земјата, решија до петок да ги олеснат празничните патувања на граѓаните, со што, во координација со полицијата делумно ги повлекоа тракторите.
Паралелно, како што вчера објави МИА, до петок нема да ги блокираат ниту граничните премини Евзони и Ники кон нашата земја.
Грчките земјоделци, иако ги отворија автопатиштата, сепак велат дека не се откажуваат од нивните барања и Божиќ ќе го поминат на блокадите, онаму каде што се паркирани нивните трактори, а се очекува в петок, да одржат нови состаноци за да ги одредат нивните следни чекори.

Македонски






